„Не смееме повеќе да бидеме наивни“. Ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски во вчерашното интервју во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ.
– Апсолутно е подобро да преговараме со Бугарија, немам дилема. Но, најдобро е да преговараме, а ништо ова кое што претходно го направивме како идентитетска отстапка да не го направевме. Најдобро е така и тогаш ќе беше сѐ нормално и за нас да зависеше само Копенхашките критериуми и исполнувањето на условите кои се содржани во кластерите. Најдобро ќе беше така – изјави премиерот.
Тој додаде дека имаме проблем сега да влезат Бугарите во Уставот, но немаме проблем да влезат кога ќе бидеме дел од Европската Унија.
Мицкоски нагласи дека Македонија има премногу отстапки направено кон Бугарија години наназад, укажувајќи дека повеќе не смеат да бидат наивни, односно како што рече тој, ние не нудиме нешто што што е надвор од здравиот разум, туку нудиме конструктивен компромис.
– Не смееме повеќе да бидеме наивни. Премногу отстапки направивме овие децении наназад како никој што не направил и ако навистина има желба, тогаш има начин како сето ова да се заврши. Ние не нудиме нешто кое што е надвор од здравиот разум, ние нудиме конструктивен компромис за кој сме подготвени да разговараме – потенцираше тој.