Спасувачките служби денеска во Долна Јабланица пронајдоа тела на уште две жртви од катастрофалните поплави кои го погодија овој регион во Босна и Херцеговина. Со ова, вкупниот број на жртви од поплавите во БиХ се искачи на 20.
Сабахудин Спаховиќ од Цивилната заштита истакна дека под урнатините во Долна Јабланица биле пронајдени тела на жена и маж.
Спасувачките тимови и денеска продолжуваат со откопување и потрага по тела, а во оваа мисија помагаат и бројни колеги, волонтери и граѓани.
Спасувачките тимови од соседните држави на БиХ и членки на Европската Унија денеска здружија сили за да ги исчистат урнатините и да ги пронајдат исчезнатите во поплавите и свлечиштата кои ги опустошија делови од западно-балканската земја.
Според официјални лица, најмалку 10 лица сè уште се водат како исчезнати, од кои многумина се од селото Долна Јабланица, кое е речиси целосно затрупано.
Мештаните велат дека слушнале силна бучава и виделе како куќите исчезнуваат во свлечиштето пред нивните очи.
Луиџи Сорека, кој ја води мисијата на ЕУ во Босна, изјави дека ЕУ е солидарна со БиХ и дека тимови се на пат да помогнат.
Властите соопштија дека хрватските спасувачи веќе пристигнале, а се очекува да бидат распоредени тимови од Србија, како и од Словенија со специјално обучени кучиња. Северна Македонија, Црна Гора, Полска, Чешка и Турција исто така понудија помош, се наведува во соопштението на владата.
Инаку, денеска се одржуваат локални избори во БиХ, но властите одлучија да го одложат гласањето во регионите погодени од поплавите. Во Јабланица е прогласена тридневна жалост.