Покрај сите предизвици со кои се соочивме успеавме да ги консолидираме, да ги исконтролираме и да ги стабилизираме јавните финансии и да ги испланираме до крајот на годината, а сето она што го направивме доби потврда и од Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, која го потврди кредитниот рејтинг на земјата, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ Сител.
– Голем предизвик беше да се надминат сите оние проблеми што беа оставени од минатиот период и заради тоа презадоволни сме што успеавме да го задржиме кредитниот рејтинг. Тоа е важно од аспект на каматните стапки што ги добиваме кога издаваме еврообврзници на меѓународниот пазар, но уште поважно е што од него зависи интересот на инвеститорите – рече министерката која додаде дека е важно што „Фич“ дава позитивни проекции за иднината, а кои се темелат врз основа на политиките што се планираат, а кои се споделени со „Фич“ на разговорите во Министерството за финансии.
Таа појасни дека проекциите на „Фич“ се во линија со проекциите од Фискалната стратегија, која е усвоена минатата недела од Владата, и дека се очекува во 2025 година консолидација, стабилизација во делот на буџетскиот дефицит и јавниот долг.
– Веќе го завршуваме буџетот за 2025 година и со новиот буџет буџетскиот дефицит ќе биде не повеќе од 4%, стапката на раст меѓу 3,5% и 3,7%, а инфлација под 3% и да нема зголемување на цените – потенцира министерката.
Таа додаде дека растот се темели на инвестиции, поддршка на приватниот сектор, проекти во општините, инфраструктурни проекти и слично и дека на среден рок со поголем раст на БДП ќе се намали и јавниот долг.
Во интервјуто во врска со состојбата на државната каса, министерката потенцира дека во септември има посериозно наплата на буџетските приходи и тоа како во делот на Царинската управа, така и во Управата за јавни приходи.
– Станува збор за многу краток период, но имаме одлични резултати. Над 20% раст на приходите во Царината, повеќе од 15% на приходите од ДДВ. Позитивни резултати има кај сите даноци, освен мало потфрлање на данокот на добивка – рече министерката за финансии.
Таа најави дека договорот за кредитот од Унгарската експорт-импорт банка ќе се потпише во вторник и дека средствата треба да бидат уплатени до крајот на неделата.