Зголемената побарувачка за гас и геополитичките тензии може да го искомплицираат снабдувањето со овој енергенс зимава, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот најнов извештај.
Според прогнозите на Агенцијата, потрошувачката на гас годинава ќе достигне рекордни 4.200 милијарди кубни метри, а следната година се очекува зголемување за дополнителни 2,3%.
Проценка на ИЕА е дека побарувачката за гас расте главно поради индустријата од Азија.
„Меѓу најголемите неизвесности што ја мачат Европа е снабдувањето со руски гас преку Украина. Сегашните договори истекуваат на крајот на оваа година, што потенцијално може целосно да ги запре руските испораки преку оваа рута“, се наведува во извештајот.
Според Агенцијата, Европа ќе мора да го зголеми увозот на течен природен гас во наредните години.
„Ова би значело дополнителен притисок врз глобалните залихи, бидејќи течниот природен гас е клучен за одржување на рамнотежата меѓу понудата и побарувачката“, наведува ИЕА.