Утрешниот ден се прогласува за Ден на жалост во Прилеп поради трагично загинатите медицински лица, кои утрото ги загубија своите животи во тешка сообраќајна несреќа на магистралниот пат Прилеп-Битола.
Оваа одлука ја донесе денеска Советот на Општина Прилеп на вонредна седница.
Трите медицински лица беа вработени во болницата „Плодност“ во Битола. Несреќата се случила при судир на автомобил „тојота“ во кое биле медицинските лица и товарен камион. Поради силината на ударот избил пожар, а тројцата загинале на самото место.
„Прим. д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа утринава, доаѓајќи на своите работни места од Прилеп. Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги. Изразуваме длабоко сочувство до семејствата на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, се вели во соопштението на болница „Плодност“.