Последен пат Барселона ја освои Лигата на шампионите во 2015 година, а еден од тројцата главни играчи, заедно со Лионел Меси и Луис Суарез, беше Нејмар. Според некои информации, Бразилецот би можел да се врати во каталонскиот клуб.
Колку е реална оваа опција, тешко е да се каже, но медиумите ширум Европа го споменуваат можното враќање на еден од најдобрите играчи во светот во редовите на шпанскиот гигант.
Нејмар се мачи со повреди откако се пресели од Пари Сен Жермен во Ал Хилал. Бразилецот точно една година не одигра натпревар, а за тоа време не тренираше многу, што се виде и по килограмите кои во меѓувреме ги накачи.
Поради оваа причина, тешко е да се замисли дека Нејмар во оваа фаза од кариерата ќе се врати во Барселона, која гради тим за напад на Лигата на шампионите во наредните сезони. Иднината на Блауграната е Ламине Јамал, кој на 17 години прави чуда во Европа и светот.
Точно е, договорот на Нејмар со Ал Хилал истекува на крајот од актуелната сезона, а потоа тој ќе може слободно да избере нова средина, бидејќи постојат сите шанси да не биде продолжен договорот со шампионот на Саудиска Арабија.
Нејмар за Барселона одигра 186 натпревари, постигна 105 гола и додаде 76 асистенции.