Судот во аргентинскиот град Сан Исидро дозволи телото на легендарниот фудбалер Диего Марадона да биде преместено во мавзолеј во изградба во центарот на Буенос Аирес, пренесува Кларин.
Дозвола за пренесување на телото побарале ќерките на Марадона, Далма и Џанина.
„Бидејќи пренесувањето на телото се бара од хуманитарни и од емоционални причини, а тоа е да им се дозволи на роднините и на другите да дојдат и да изразат сочувство или да му оддадат почит на некој близок, освен ако пренесувањето на посмртните останки на кој било начин може да ја загрози нивната безбедност, нема причина да се одбие барањето“, соопшти судот.
Диего Марадона почина на 25 ноември 2020 година на 60-годишна возраст. Причината за смртта е акутна срцева слабост. Марадона е погребан на приватни гробишта, во предградието на Буенос Аирес, кои се затворени за јавноста.
Изградбата на мавзолејот, во кој се планира да биде пренесен пепелот на фудбалерот, треба да заврши во 2025 година.
Диего Марадона е светски шампион од 1986 година со репрезентацијата на Аргентина. На клупско ниво играше за Аргентинос Јуниорс, Бока Јуниорс, Њуелс Олд Бојс, Барселона, Наполи и Севилја. Фудбалерот двапати стана шампион на Италија, а по еднаш ги освои Купот, Суперкупот и Лига Купот на Шпанија, Купот и Суперкупот на Италија и Купот на УЕФА.
Марадона важи за еден од најдобрите фудбалери на 20 век.