Сто и дваесет луѓе изнеле обвиненија за сексуално однесување против хип-хоп магнатот Шон „Диди“ Комбс, кој го чека судењето за обвиненија за сексуална трговија, рече адвокатот Тони Базби, кој ги застапува, пренесува АП.
Адвокатот од Хјустон рече дека очекува тужбите да бидат поднесени во текот на следниот месец. Базби рече дека жртвите на Комбс се 60 мажи и 60 жени, од кои 25 биле малолетни во времето на наводното недолично однесување на познатиот хип-хоп музичар и продуцент.
По прес-конференцијата во Тексас, адвокатката на Комбс рекла дека музичарот „не може да се занимава со сите неосновани обвинувања во она што станало безобзирен медиумски циркус“.
„Господин Комбс одлучно и категорично ги негира како лажни и клеветнички сите тврдења дека сексуално злоставувал некого, вклучително и малолетници“, навела во соопштението адвокатката Ерика Волф.
Против Комбс веќе поднесоа тужби други наводни жртви кои го обвинуваат за сексуални напади.
Комбс се изјасни за невин по обвиненијата кои вклучуваат и сексуална трговија. Неговиот адвокат рече дека е невин и дека ќе се бори да го исчисти своето име.
Познат во текот на својата кариера како Пи Диди и Паф Деди, Комбс ја основа „Бед бој рекордс“ и освои три Греми награди. Тој соработуваше со хип-хоп и ар-ен-би ѕвезди како Мери Џеј Блајџ, Фејт Еванс, Ноториус Б.И.Г. и Ашер во текот на 1990-тите и 2000-тите.