Јавното обвинителство предложило условна казна затвор за лице што се заканувало на уставна судијка дека ќе ја убие.
Од ЈО информираат дека до Кривичниот суд Скопје доставиле предлог за издавање казнен налог против едно лице за кривично дело – Загрозување на сигурноста согласно член 144 став 5 од Кривичниот законик.
„На 21 јуни, преку информатички систем, обвинетиот се заканил дека ќе стори кривично дело – убиство, спрема оштетена – судија на Уставниот суд. На својот профил на социјална мрежа, незадоволен од одлука на Уставниот суд во врска со законот за застареност на долгови, обвинетиот објавил пост со закани дека ќе го стори кривичното дело, директно споменувајќи ја посочената уставна судијка, со што кај оштетената предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопшти Јавното обвинителство.
Со казнениот налог обвинителството предлага на обвинетиот да му биде изречена кривична санкција – условна осуда со која ќе му биде определена казна затвор од три месеци која нема да се изврши доколку тој не стори ново кривично дело во рок од една година од правосилноста на пресудата.