Сирени денеска се огласија низ централен Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека една ракета била истрелана од Јемен, а околу 90 биле истрелани од Либан во правец на Израел.
Во Тел Авив и околните градови е активирано предупредување за воздушна опасност, пишува „Тајмс оф Израел“.
Повеќето од нападите на либанската група Хезболах биле насочени кон северен Израел, но повеќе ракети со долг дострел се истрелани и во правец на Тел Авив и на Западниот Брег, се наведува во соопштението.
Во воздушен напад на израелската војска на седиштето на Хезболах во Бејрут, Либан, вчера е убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала. По убиството сите стравуваат од ескалација на судирите на Блискиот Исток.
Израелската војска попладнево соопшти дека извршила нов воздушен напад во областа Дахије во Бејрут.
Тоа е округот што Израел го нападна и вчера попладне, што резултираше со смрт на лидерот на Хезболах.