Со цел да се подобри транспарентноста во работењето и безбедноста на пациентите, а со одлука на Извршниот одбор, Лекарската комора на нејзината интернет страница (https://lkm.org.mk/mk/record/121/962/lista-na-doktori-so-vazhechki-licenci) објави информација за доктори кои се носители на важечки лиценци за работа. Списокот е јавно достапен и сите заинтересиран правни и физички лица може да проверат дали одредено лице е носител на лиценца за работа на доктор. Обезбедувањето на јавна достапност на овие информации очекуваме дека ќе ги обесхрабри обидите за непочитување на правните прописи со кои е регулирана докторската дејност.
Објавените податоци се добиени од Регистарот на издадени, обновени и продолжени лиценци што го води Комората. Списокот ќе се ажурира на секои четири месеци со нови податоци за издадени, обновени и продолжени лиценци. Списокот содржи информации за име и презиме на докторите, нивната специјалност, бројот на лиценца и датумот на важност.
Комората упатува препорака до здравствените установи пред да реализираат ново вработување преку јавно објавената листа да проверат дали докторот има важечка лиценца за работа. Проверка имаат можност да прават и медицинските факултети за запишување на специјализации, супспецијализации и за други потреби како и сите надлежни институции кои во вршењето на своите надлежности, имаат потреба да потврдат дека некое лице е носител на важечка лиценца за работа на лекар.
Вакви информации објавуваат и коморите во другите држави од регионот како Србија, Хрватска, Словенија како и западноевропските држави.