Републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател, Доналд Трамп, повторно го нападна украинскиот претседател, Володимир Зеленски бидејќи не преговара со Русија за завршување на војната во Украина, тврдејќи дека дури и „најлошиот договор“ би бил подобар од сегашното ниво на смрт и уништување.
Зборувајќи на предизборен митинг во Северна Каролина, Трамп рече дека Украина никогаш нема да може да ги замени своите „многу мртви луѓе“, како и местата и градовите што се уништени во војната.
– Тие градови повеќе не постојат. Тие ги нема, а ние продолжуваме да му даваме милијарди долари на човекот кој одби да се договори, на Зеленски, им рече Трамп на приврзаниците. Имате земја која е уништена, не е можно да се врати. Ќе бидат потребни стотици години за да се обнови… И да постигнеа лош договор, ќе беше многу подобро, Малку ќе се откажеа и сите ќе живееја и секоја зграда ќе беше изградена и секоја кула ќе остареше уште 2.000 години – изјави Трамп, пренесе Ал Џезира.
Трамп, исто така, го нападна Зеленски за интервјуто објавено во Њујоркер, во кое украинскиот лидер рече дека републиканскиот кандидат „навистина не знае како да ја запре војната дури иако мисли дека може“.
Коментарите на Трамп, кои ја одбележаа неговата најексплицитна критика кон украинскиот лидер и неговото справување со војната досега, дојдоа неколку часа откако Зеленски ги повика светските лидери да не се согласат на „затишје“ во конфликтот наместо на „вистински, праведен мир.
Зеленски вчера упати повик за солидарност од говорницата на Генералното собрание на ОН во Њујорк додека се обидуваше да обезбеди поддршка за неговата „мировна формула“ од 2022 година која повикува на протерување на сите руски сили од Украина.
Трамп во неколку наврати тврдеше дека доколку е претседател на САД, веднаш ќе ја заврши војната, но никогаш не даде доволно детали за неговото тврдење.
За време на интервјуто за поткастот кај Лекс Фридман претходно овој месец, Трамп рече дека има „многу специфичен план“ за решавање на конфликтот, но не можеше да открие детали.