Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Берлин нема да ги укине ограничувањата за употребата на западното оружје со долг дострел што го поседува Украина.
– Овој став на Германија нема да се промени дури и ако се укинат ограничувањата од САД. Секогаш сме фокусирани на поддршка на она што е неопходно и што навистина помага. Сигурно е дека нема да ги укинеме ограничувањата и имаме многу добри причини за тоа – изјави Шолц непосредно пред средбата во Њујорк со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој додаде дека „истовремено, многу е важно Европската унија итно да ѝ ја обезбеди на Украина ветената помош од 35 милијарди евра“.
– Поради оваа причина нашите сојузници од САД, Канада, Велика Британија и Јапонија да продолжат да ги следат ваквите примери – рече германскиот канцелар.
На почетокот на посетата на Америка, Зеленски даде интервју за „ABC News“ во кое рече дека „се поблиску сме до крајот на војната“.
– Поблиску отколку што мислиме – рече Зеленски.
Тој повторно ги повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина, нагласувајќи дека „само силната позиција на Украина може да го охрабри рускиот претседател (Владимир) Путин да ја прекине војната“.
Зеленски учествува на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк и ќе ја искористи оваа прилика за бројни средби со светските лидери, како и разговори со американскиот претседател Џо Бајден, како и со неговата потпретседателка Камала Харис, кандидат на Демократската партија за Белата куќа и републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
– Уште еднаш ги повикувам сите наши сојузници да ни помогнат да дојдеме до заедничка победа за вистински праведен мир – рече Зеленски.
Тој се осврна и на операцијата на украинските сили во руската област Курск.
– Путин многу се плаши од таа операција бидејќи неговите луѓе од неа видоа дека тој не може да ја брани целата своја територија – заклучи Зеленски.