Пратеничката од опозициската СДСМ Славјанка Петровска денека ги повика пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ да го задолжат претседателот на Собранието Африм Гаши да го примени член 126 став 3 од Деловникот, исто како што тоа го направи за задолжувањето од Унгарија и да ја закаже седницата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, за да продолжи процедурата за усвојување на измените на Законот за бранителите.
Прашан за коментар за оваа изјава на Петровска, денеска премиерот Христијан Мицкоски го повика спикерот Гаши да ја закаже седницата на комисијата.
Според пратеничката Петровска измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства имааат единствена цел да се допрецизира право кое е веќе утврдено и да се предвидат одредби за правилен и правичен надоместок за жртвите и настанатите последици.
– Изјавите и коментарите на партиите од власта изминативе десетина дена поврзани со измените на овој закон се пораз за демократијата, демант на сите изјави на истите тие политичари кои велеа дека се свесни за значењето на соживотот и меѓуетничките односни, но и најголем доказ дека некои политичари не ја сфатиле суштината на интеграцијата во ЕУ и својата улога во општеството. Наместо дебата за подобрување на текстот на законот, изјавите се сведоа под секое ниво и за жал, партиите на власт наместо да покажат државнички капацитет, покажаа незрело однесување и се впуштија во натпревар за тоа кој ќе го има последниот збор или кој ќе излезе со некој досетлив предлог – рече пратеничката Петровска на прес-конференција во Собранието.
Овој предлог-закон не е шаховска игра, додаде таа, не е ниту провокација, ниту обид за дестабилизација, туку е одговор на барањето за правда и правичност и не се однесува само на припадиниците на безбедносните сили кои учествувале во воениот конфликт во 2001 година, туку и на оние кои загинале извршувајќи задачи во интерес и заштита на Македонија.
– Ако денес мене како предлагач ме обвинувате за дестабилизација и скриени намери, значи ли тоа дека и во ноември 2023 година кога ВМРО-ПМНЕ го поднесе предлог законот правеше провокација? Дали тогаш нивниот предлог беше предизборен маркетинг и злоупотреба на ова прашање за изборни цели? Не сакам да помислам дека ова е така. Затоа што јавноста има право да ја знае вистината, ќе соопштам дека предлог-законот кој тогаш беше поднесен како иницијатива од Достоинство беше подготвен во мојот кабинет како министерка за одбрана во координација со Стојанче Ангелов. Но, заради неговата одлука да направи предизборна коалиција со ДПМНЕ, тој предлог-законот го поднесе како сопствена иницијатива, а не како предлог на Владата. И тој предлог-закон СДСМ го поддржа – рече Петровска.
Таа ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, наместо да уценуваат со писма кои постапката ја враќаат чекор назад, да го задолжат Африм Гаши да ја закаже седницата на надлежната комисија.
– Во спротивно, изјавите на првиот вицепремиер Изет Меџити дека овој закон нема да се донесе ќе биде потврда дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието се само бројка и немаат капацитет да ги реализираат ветувањата. Колеги од власта, ви изгореа сите лаги и лицемерието и немањето капацитет да обезбедите услови овој закон да биде донесен ви излезе на виделина – рече Петровска.
На прашање за коментар за апелот од Петровска и за тоа како ќе се деблокира собраниската процедура, премиерот Мицкоски рече дека жали што пратеничката не ги разбира парламентарните процедури.
– Јас не функционирам со закани. Ако некој се заканува, тоа треба и да го реализира, а ако не, остава лош впечаток во јавноста. Јас на заканите не одговарам баш така како што некој може да очекува. Не знам кога ќе дојде во Собранието Законот за бранителите, но кога ќе дојде, ќе ја има нашата поддршка. Го повикувам претседателот на Собранието Африм Гаши да ја свика комисиската седница – рече Мицкоски.
Пред две седмици пратениците од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ изгласаа измените на Законот за бранителите да се донесат по скратена постапка, по што според Деловникот, претседателката на матичната Комисија за социјална политика Илире Даути од опозициската ДУИ требаше да го стави на дневен ред на комисиска расправа во рок од 24 часа. Таа ја свока седницата во определениот рок, но на дневен ред беше само законот со кој се покаќија пензиите, а не и законот за бранителите. Нејзиното објаснување беше дека постапила како Албанка и дека нема намера воопшто да го стави на дневен ред овој закон „кој е дискриминаторски“.
Според Деловникот, ако претседател на комисија не свика комисиска седница во определен рок, тоа треба да го стори спикерот. Тој тоа го направи со Комисијата за финансирање и буџет, затоа што претседателката на оваа комисија, Сања Лукаревска, не ја свика седницата за да се разгледува законот за унгарскиот кредит.
Според Гаши, тој не е должен да ја свика и седницата на Комисијата за социјална политика, затоа што претседателката веќе ја свикала и ја одржала во определениот рок, а тоа што на таа седница беше само законот за пензиите, а не и законот за бранителите, според Гаши, не е опфатено со Деловникот.
Во врска со работата на претседателот на Собранието, Петровска рече дека пратениците од опозицијата ќе побараат Комисијата за мандатно-имунитетни прашања да расправа и да утврди дали има прекршувања или погрешни толкувања и примена на Деловникот од негова страна.
ВМРО-ДПМНЕ вчера ги повика пратениците од СДСМ кои се членови на Комисијата за социјална политика да се потпишат на барањето до претседателката на Комисијата Илире Даути да го стави Законот за бранителите на дневен ред.
– Дали доколку претседателката на комисијата Илире Даути не свика седница, пратениците на СДСМ ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација? – прашаа вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Од коалицијата Вреди досега повече пати го повторија ставот дека ќе ја напуштат Владата ако овој закон се донесе без да бидат опфатени и борците на поранешната ОНА.