Предлогот на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел за испраќање на замрзнатите девизни резерви на Русија во Украина е незаконски и ја поткопува довербата во Европа, изјави денеска заменик министерот за надворешни работи на Русија, Александар Грушко.
– Ова е уништување на самиот темел на меѓународните односи, а овие одлуки, доколку се донесат, ќе се одразат на самите Европејци, на финансискиот систем и ќе ја нарушат довербата во Европа и на Западот воопшто, бидејќи тоа е целосно беззаконие или закон на џунглата – рече Грушко.
Европската унија треба да размисли за преземање на замрзнатите резерви на руската валута за да ги покрие трошоците за обнова на Украина по руската окупација, изјави Борел претходно денеска во интервју за Фајненшл тајмс.
– Европската комисија соопшти дека трошоците за реконструкција би можеле да бидат стотици милијарди евра, а главните градови на ЕУ треба да размислат за запленување на замрзнатите руски девизни резерви за да помогнат во плаќањето на трошоците за повоена обнова на Украина – рече Борел.