Сметам дека тонот кој го користи Република Северна Македонија нема да ѝ помогне да стане членка на Европската Унија, изјави денеска во Софија бугарскиот технички премиер Димитар Главчев.
– Бугарија е предвидлив партнер, лојален на ЕУ. Нема со што да ги изненадиме останатите земји-членки. Го поддржуваме проширувањето и европските перспективи на земјите од Западен Балкан. Доволно компромиси направивме со националниот идентитет. Република Северна Македонија едноставно треба да ги исполни барањата на ЕУ – изјави Главчев.
Изјавата на Главчев е една од серијата реакции на бугарски политичари по забелешките од македонска страна за непоставувањето на македонското знаме за време на неформалната средба на претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска Давкова и Румен Радев, минатата недела во Софија, особено по изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој рече дека „очигледно домаќинот не е цивилизиран, ниту има почит, па затоа се случуваат вакви ситуации“.
Европратеникот од ЕПП/ГЕРБ Андреј Ковачев, во изјава за Бугарската национална телевизија рече дека ја информирале Европската народна партија за, како што истакна, однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека ќе побараат да се иницира процедура за исклучување на таа партија од ЕПП.
– Мислам дека тие на секој начин докажуваат дека сакаат да бидат со Фидес, партијата на Орбан. Тоа си е нивна желба и тие многу се оддалечуваат од вредностите на ЕПП и европската демократија – истакна Ковачев, кој смета дека геополитичката насока која ја избираат властите во Скопје е на линија на политиките на Вучиќ, Орбан, Кина и Русија.
Во врска со изјавата на Николоски за непоставување на македонското знаме, Ковачев смета дека таа била искоординирана со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
– Се покажува јасна желба на сегашното раководство на Република Северна Македонија да не продолжи по патот на европската интеграција. Си бараат некаков изговор пред нивната јавност зошто тоа не може да се случи, а изговорот е, се разбира, со оцрнување на Бугарија, смета Ковачев. кој се осврна и на, како што рече „нивните активности за блокирањето на Коридотот 8“.
Според него, Бугарија не дала повод за провокација и се однесувала цивилизирано и европски и не го користи прашањето за односите со Скопје во предизборната кампања.
Николоски вчера во интервју за Канал 5 изјави дека изградбата на брзата пруга на Коридoрот 10 е најголем приоритет за државата и оти ќе ја почне и ќе ја изгради во два мандатa, при што потенцира дека не е против изградба на пругата со Бугарија, но оти нема да се гради траса која е неизводлива.
– Не сум против изградба на пруга кон Бугарија, но нема да се гради по траса која е неизводлива, прескапа и на начин со обиди на корупција врз мене и претседателот на Владата, што јавно беше истакнато – нагласи министерот во врска со третата фаза од пругата кон Бугарија.
Со реакција за последните случувања на релација Скопје-Софија денеска и лидерот на Преродба, Костадин Костадинов. Тој бара од бугарското Собрание да донесе декларација, со која Бугарија ќе ги информира своите партнери во ЕУ „за тоа што се случува од другата страна на границата – дека има саботажа против паневропските политики и дека еден од нив е Коридорот број 8“.
– Кога сакате да бидете во заеднички европски дом, мора да ја почитувате политиката на овој заеднички европски дом. Еден од условите е да имате политика на добрососедство. Потпишавме Договор за пријателство и добрососедство со Северна Македонија. што во моментов гледаме дека искрено се прекршува. Се разбира, сфаќаме дека тоа е намерна политика за провокации – рече Костадинов.
Претходно со реакции за како што се наведуваат, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Република Северна Македонија имаше од Кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев и Министерството за надворешни работи во Софија, додека поранешниот бугарски премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов за изјавата на Николоски рече дека „за речникот што го користат има само едно оправдување – оставка на тој министер, а доколку не го направат тоа, ниту претседателот, премиерот, министрите, ниту партиите не треба да се сретнат и да разговараат со нив“.
Премиерот Мицкоски вчера од Брисел порача дека интеграцијата во ЕУ треба да биде процес во кој одлучувачки фактор ќе бидат постигнувањата, а не билатералните прашања, бидејќи ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и за нас е неприфатлив принципот „тие се таму, а вие сте надвор“.
Тој по средбите со високи европски претставници порача дека на нив се разговарало за европската перспектива на регионот и на нашата држава, при што потенцирал дека ние остануваме фокусирани да предлагаме решенија за предизвиците.
– Поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век, ние не можеме да се развиваме како држава за 21-от век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе. Така што уште еднаш потенцирав дека ние повеќе не можеме да прифаќаме ултиматуми и принципот тие се таму, а вие сте надвор и ако сакате да бидете таму, треба тоа да го прифатите… простете, но ние не можеме да го прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин – нагласи Мицкоски.