Градот којшто може да ја реши судбината на целата област Доњецк во Украина во полза на Русите и да ги оневозможи Украинците да преместуваат војници, храна и муниција, се спрема за крвава битка. Русите се на 10 километри од градот, пишува „Гардијан“. Постојано се слуша врева од бомбите.
Битката за Покровск е многу веројатно да биде врв на воената кампања на Москва оваа година.
Големиот руски напредок на истокот на Украина започна со освојувањето на Авдеевка. Покровск се наоѓа на 18 километри од Авдеевка. Кон крајот на минатиот месец Русите ја зазедоа Михајловка во Доњецк. Ако падне Покровск, Украинците ќе ја изгубат врската со Торец или со градот Курахов на југ.
Русите напредуваат бавно, но сигурно. Тие не функционираат повеќе со оклопни возила. Знаат дека фронтот е полн со дронови, па затоа, во групи од 10 до 15 војници, напредуваат тајно пешки, дење и ноќе, користејќи различни патишта. Доколку не бидат откриени, тие се среќаваат на договорено место и се обидуваат да ги пробијат украинските линии.
Минатата недела руски воени авиони уништија мостови во и околу Покровск, подготвувајќи го теренот за иден напад. Еден од уништените мостови го поврзуваше патот Т0504 со блискиот град Мирноград. Друга бомба го оштети мостот над железничката станица во Покровск, кој сега е затворен, заедно со супермаркетите, рестораните и банките.
Покровск и Мирноград некогаш биле дом на 100.000 луѓе. Повеќето од нив сега побегнале, а делови се морничаво празни. Бомби погодија многу згради во центарот, вклучувајќи ја и канцеларијата на украинскиот фонд за мир.
Русите напаѓаат од две страни. Тие без големи боби ја зазедоа Новохродивка, дом на 18.000 луѓе, откако украинските војници се повлекоа минатата недела. Руските сили напредуваат и од југоисток, од градот Украинск, кој го освоија пред неколку дена. Северно од Михајловка, зад шумата и железницата се наоѓа украинскиот град Селидове.
Бавниот напредок на Русија има висока цена во човечки животи. Според еден украински офицер по име Станислав, Русија напредува бидејќи има значително поголема војска.
– Немаме доволно муниција. За секој проектил што го истреламе, тие испукуваат седум. Или повеќе. Ни недостига пешадија. Ситуацијата е малку подобра од пред шест месеци. Но, со ова темпо на борби, тоа не е доволно. Русија е Голема земја има пари и ресурси Ја финансира армијата нафта и гас – рече тој.
Станислав, сепак, вели дека Русите нема лесно да го заземат Покровск.