More

    Се бараат оставки од целиот Совет на јавни обвинители

    spot_img

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа членовите на Советот на јавни обвинители да поднесат оставки и ова тело целосно да се распушти поради ниската доверба на граѓаните од само 2 отсто во целото правосудство и во работата на Советот. Тие негативно го оценија Годишниот извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2023 година, кој се разгледуваше на седницата на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, а особено го критикуваа делот во кој се наведува дека Советот постигнал „значителни резултати во работењето“ и дека „позитивно се оценети извештаите од сите јавни обвинителства“.

    Извештајот и работата на Советот на јавните обвинители го критикуваа и пратениците од Коалицијата Вреди.

    Претседател на Комисијата Љупчо Пренџов ѝ порача на претседателката на Советот Душица Димитриевска дека огромното мнозинство граѓани очекуваат оставки од членовите на ова тело и дека е срамно е на ваков рејтинг во правосудството никој да не поднесе оставка.

    – Немате авторитет и капацитет да воспоставите јавнообвинителски систем, рече Пренџов.

    Тој најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ негативно ќе го оцени нивниот Годишен извештај.

    Антонио Милошоски рече дека за кадрите во правосудството има и политичка одговорност, потсетувајќи на случајот со Изет Меџити, кој поднесе оставка од Советот на јавни обвинители, откако беше обвинет за подмитуање заедно со поранешниот врховен судија Наќе Георгиев и призна вина во спогодба со Обвинителството.

    – За Мемети да стане член на Советот на јавни обвинители се гласаше во Собранието со 61 глас. Се чудевме зошто најмалку на десет дена доаѓаше да се консултира со поранешниот претседател на Собранието Талат Џафери. Мемети беше 16 години Народен правобранител, а беше и министер за правда и адвокат. Видовме со што се занимавал. Со продажба на правда за пари – рече Милошоски.

    Пратеникот додаде дека е неоправдано молчењето на обвинителите доколку се сомневаат во некој нивен колега.

    – Не е срамно да се поднесе оставка, која не мора да значи признавање вина, туку аларм или коректив нешто да се промени – им порача Милошоски на членовите на обвинителскиот совет.

    Беким Ќоку од Коалицијата Вреди рече дека нема да дадат зелено светло за годишиот извештајот на Советот. Тој постави низа прашања поврзани со случаи во кои се вмешани членови на ДУИ, како струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и други.

    Претседателката на Советот на јавниот обвинител Димитриевска, која го презентрираше извештајот пред Комисијата посочи дека им недостигаат обвинители и оцени дека се постигнати значителни резултати во работењето. Таа рече дека во документот се наведени и случаите во кои тие постапувале.

    – Советот на јавни обвинители нема овластување да врши директен и непосреден надзор во постапувањето на јавните обвинители во јавните обвинителства, тоа е исклучива надлежност на повисоките јавни обвинителства. Оценувањето на квалитетот и законитоста во работењето на обвинителите го врши Јавниот обвинител на соодветното обвинителство, а Советот одлучува по вложениот приговор на добиената оцена, што значи дека Советот, исто како и во дисциплинските постапки, и во овие случаи постапува како второстепен орган по вложените жалби – истакна Димитриевска.

    Советот на јавни обвинители, како што истакна таа, смета дека е потребно да се извршат одредени измени и дополнувања во Законот за јавното обвинителство и во Законот за Советот на јавните обвинители, во насока да се даде поголема автономија на Советот за следење на работата на јавните обвинители, во смисла на законитоста и ажурноста на нивното постапување, без притоа да се наруши самостојноста и независноста на секој јавен обвинител во делот на донесувањето на јавно обвинителските одлуки.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img