Фирма од Бугарија со седиште во Софија најверојатно е вмешана во случајот со експлодираните пејџери на либанската милитантна група Хезболах, открива унгарскиот медиум Телекс, пренесува Дојче веле-Бугарија.
Според извори на Телекс, софиската компанија ги купила уредите од Тајван и тие никогаш не биле во Унгарија, како што впрочем до вчера се тврдеше дека пејџерите се произведени во Унгарија по лиценца од тајванска компанија.
Телекс тврди дека уредите ги купила фирмата со адреса во Софија, „Норта Глобал ЕООД“, која е во сопственост на норвешки државјанин.
Според бугарските медиуми, кои се повикуваат на разузнавачки податоци, споменатата компанија воопшто не била активна во земјата.
Од друга страна, Бугарската агенција за национална безбедност денеска соопшти дека пратка со пејџери воопшто не влегла, ниту излегла од бугарска територија, но целиот случај е предмет на истрага на повеќе институции.