Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје.
Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во изјава за МИА вели дека 10 лица побарале лекарска помош и сите имале лесни симптоми, освен едно лице кое е задржано на лекување, но е во добра здравствена состојба. Останатите по укажаната медицинска помош се вратени во Академијата.
Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана од каде соопштија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.
„Најнапред тројца питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање по што итно биле пренесени на Инфективната клиника при Клиничкиот центар’Мајка Тереза’, каде од страна на дежурниот доктор биле прегледани и двајца биле вратени назад во единица без конкретна дијагноза, а еден питомец е хоспитализиран и кој се очекува во текот на денешниот ден да биде вратен во единицата. Подоцна уште седумнаесет питомци и двајца офицери се пожалиле со истите симптоми, по што сите биле однесени на Инфективната клиника, каде биле третирани од страна на медицинскиот персонал и откако им била констатирана стабилна состојба биле пуштени назад во единицата“, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.
Од страна на Министерството за здравство е побарано Воено медицинскиот центар заедно со инспекторите од Центарот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветерина да истражат на што се должи овој случај.
„Во текот на вчерашниот ден е направен вонреден хигиенски епидемиолошки надзор од страна на екипи од Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и од Агенцијата за храна во касарната ‘Гоце Делчев’ каде се наоѓа Воената академија, и од страна на Воено медицинскиот центар во касарната ‘Боро Менков’ во Куманово, каде исто така четири лица се пожалиле на стомачни тегоби, при што се земени контролни примероци за испитување. Целта на овие вонредни надзори е намалат или целосно да се отстранат сите ризици кои може да се одразат по здравјето на луѓето. По добиените резултати од испитувањата кои ги очекуваме во текот на денешниот ден, ќе се преземат натамошни чекори согласно препораките на надлежните институции“, се вели во информацијата од Министерството за одбрана.