Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, денеска изјави дека мирот и стабилноста на Балканот се приоритет за неговата земја која е и претседавач со ЕУ.
– Унгарија е земја претседавач со ЕУ, а мирот и стабилноста на Балканот се наш приоритет – изјави Сијарто на прес-конференција во Будимпешта по средбата со претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Тој оцени дека „во Европа има лицемерие бидејќи еден дел од земјите-членки застапуваат различни ставови, имајќи предвид дека земјите од Западен Балкан во просек чекаат 14 години за членство во ЕУ“.
– Ние оценуваме дека тоа е непринципиелен став – потенцира Сијарто, додавајќи оти заканите со санкции или каков било друг вид притисок треба да се остават настрана.
Тој се осврна и на соработката помеѓу Унгарија и Република Српска.
– Соработката меѓу Унгарија и Република Српска секогаш се заснова на почитување. Економската соработка е значајна и имаме успешна програма за развој на земјоделството. Обезбедивме 26,6 милиони РС за земјоделците – наведе Сијарто.
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, рече дека ентитетот многу ја цени мирољубивата, отворена, транспарентна и толерантна политика на Унгарија.
– Го цениме фактот што не поддржувате на европскиот пат, но проблемот за нас е што во Босна и Херцеговина не се почитуваат Уставот на БиХ, ни Дејтонскиот мировен договор и оти има многу интервенционизам – истакна Додик.