Непречен старт на новата грејна сезона, со навремена набавка на гас по конкурентни цени и довршување на цевководот под мостот Беласица биле една од темите за кои разговарале денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски и генералниот директор на ЕСМ Лазо Узунчев.
Како што е соопштено од Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски и Узунчев разговарале за цената на гасот и парното.
– Набавка на природен гас е клучен елемент во регулаторната одлука за цената на парното – рекол Бислимоски.
Директорот Узунчев, пак, информирал дека конкурентноста ќе биде приоритет со цел да се обезбеди цена на овој енергенс, која ќе резултира со намалени трошоци за производство на топлинска енергија
Соговорниците се согласиле дека треба да се стави во функција цевководот под мостот Беласица, за што посочиле од ЕСМ дека се преземаат соодветни чекори и во иднина новиот топловод и просторот ќе се обезбедат соодветно за се намали ризикот од повторување на случајот со опожарување на цевките.
Во однос на состојбата со електрична енергија директорот Узунчев најавил дека ќе спроведе серија активности со кои ќе се оптимизираат трошоците на работа, а во исто време ќе се фокусираат кон зголемување на производството на електрична енергија.
Првиот регулатор предложил да се направи анализа за концептот откуп на домашно произведената струја од новите производителни на електрична енергија од фотоволтаични централи во транспарентна постапка, со цел да се добие поевтина цена на струја, и да се заштедат акумулациите.
Од РКЕ информираа дека грејната сезона вообичаено започнува на 15 октомври, но не пред 1 октомври доколку средната надворешна прогнозирана температура е еднаква или пониска од 12 степени Целзиусови.