Компаниите во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) оствариле највисоко ниво на приходи, а уплатиле најмалку 3 пати повеќе од тоа што го добиваат од буџетот на државата, покажа годишната анализа за 2021 година. Вкупното ниво на приходи достигнало над 156 милијарди денари што е за 15,6% повеќе од 2020, и за 5% од претпандемиското ниво.
– Според овие бројки, можеме да констатираме дека економијата особено во зоните, успешно ја надмина корона кризата, но и глобалната криза во снабдување со микрочипови, како и првичните негативни ефекти од енергетската криза. Охрабрува тоа што и покрај глобалните случувања кои влијаат врз економијата, компаниите продолжуваат да растат – посочи Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ презентирајќи ја годишната анализа.
Компаниите во ТИРЗ лани оствариле вкупна добивка која надминува 100 милиони евра, што е за речиси 11% повисока од претходната 2020 година.
Деспотовски информира дека вкупно исплатената државна помош за ТИРЗ лани била речиси 732 милиони денари, додека вкупните уплати од компаниите во Буџетот само по основ на данок на плати и надоместоци, како и социјално осигурување изнесувале речиси 2 милијарди денари. Според првичните анализи, се очекува во државниот буџет да се слеат уште дополнителни 400 милиони денари од данок на добивка.
– Државата по овие основи инкасира над 40 милиони евра уплати во буџетот од страна на компаниите во зоните што е за речиси 12 милиони евра повисоко од 2018 година. Ова значи повеќе пари во буџетот за нашите сограѓани, за нови училишта, болници, патишта. Очекувам и поради позитивните трендови кои веќе ги имаме во првиот квартал од годинава дека ова ниво на приходи во државната каса ќе продолжи да расте и понатаму – рече Деспотовски.
Регистриран е и пораст од околу 20% на исплатена државна помош што заедно со растот на активата е индикатор дека компаниите се во интензивен инвестициски циклус бидејќи исплатата на државната помош е врзана со реализирани инвестициски активности. Според Деспотовски, особено е важен нето ефектот од уплатата и исплатата во буџетот.
– Соодносот на уплатите од компаниите и исплатите од буџетот покажува дека компаниите во зоните уплаќаат од 2,7 пати до 5 пати повеќе од тоа што го добиваат од буџетот. Не се расфрламе со парите на граѓаните, туку со домаќински пристап и посебни мерки заедно со компаниите креираме поволна бизнис инвестициска клима и се грижиме бенефитите да бидат еднакви за сите – рече Деспотовски и додаде дека очекува овие позитивни трендови и покрај глобалните случувања и економска криза, да продолжат и годинава.
Анализата покажа и дека просечната плата во технолошко – индустриските развојни зони за првпат е над државниот просек и тоа за 3%, што се должи и на зголемениот број вработени кој во 2021 година е за 5% повисок од 2020.