Легендарниот холивудски актер, 69-годишниот Брус Вилис, е фотографиран по долго време на јавно место, а според фотографијата се познава дека неговата здравствена состојба е влошена, објави Дејли мејл.
Брус, кој целосно се повлече во своите четири ѕида поради тешката болест, е виден во автомобил на улиците на Лос Анџелес. Видно послаб, мирно седна на совозачкото седиште. Носеше кошула, црна шапка и цело време гледаше низ прозорецот, а фотографијата можете да ја видите тука.
Сведоците изјавиле дека неговиот телохранител бил со него и дека актерот не гледал во луѓето, ниту, пак, покажал дека е свесен за околината.
Ова е првпат во јавноста да стигнат фотографиите на ѕвездата од серијалот „Умри машки“ откако претходно неговата ќерка Румер објави фотографии на својот Инстаграм профил во средината на август.
Румер потоа сподели трогателна приказна за нејзиниот татко и додека нежно го држеше за рака, таа раскажа како тој се справува со својата болест.
„Тој е одличен. Многу го сакам. Ви благодарам“, напиша Румер која претходно во мај објасни дека Брус е „добро“.
На почетокот на април 2022 година, на Брус му беше дијагностицирана афазија, нарушување на мозокот што влијае на когнитивните способности. По тој повод се огласи неговото семејство.
„По долго размислување, Брус реши да се откаже од актерската кариера која многу му значи. Ова е предизвик за нашето семејство и ние сме благодарни за вашата поддршка, сочувство и љубов”, вели семејството.
Патем, афазијата е нарушување на говорот поради оштетување на мозокот. Обично се јавува на левата страна на мозокот, областа која ја контролира јазичната функција кај повеќето луѓе. Нарушувањето обично е предизвикано од мозочен удар, но може да биде резултат и од траума на главата, тумори на мозокот, аневризми, мозочни инфекции или од која било болест што влијае на когнитивните перформанси, како што се некои видови деменција.
Во случајот на Вилис, семејството не откри што ја предизвикало состојбата на актерот, а потоа објави во февруари 2023 година дека му била дијагностицирана и фронтотемпорална деменција (позната како ФТД).
„Тоа е најчеста форма на деменција и за жал, моментално нема третмани за оваа болест“, вели семејството на актерот.
Улогата на неофицијален ПР на познатиот актер ја презеде неговата ќерка, Румер, која преку социјалните мрежи известува за состојбата на нејзиниот татко.
„Како што напредува состојбата на Брус, се надеваме дека вниманието на медиумите може да се насочи кон расветлување на оваа болест за која се потребни многу повеќе свесност и истражување. Брус отсекогаш верувал во користењето на својот глас во светот за да им помогне на другите и да ја подигне свеста, јавно и приватно, за важни прашања. Знаеме во нашите срца дека да можеше денес, тој би сакал да одговори со привлекување на глобалното внимание и со поврзување со оние кои исто така се справуваат со оваа болест“, рече Румер.