Во пресрет на првите „100 дена новата Влада“, досега, официјално се најавени четири големи инвестиции во вкупна вредност од 620 милиони евра и со опфат на 1.600 вработувања. Заклучно со јули годинава вредноста на странските директни инвестиции изнесува 590 милиони евра или 4% од БДП. Според податоците, годинава има раст на странските инвестиции, но јавните засега се на „инфузија“, пишува Порталб.мк.
Само два дена по изборот на новата Влада на 23 јуни, новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски ја промовираше првата инвестиција, во енергетиката. Уште од позиција на мандатар тој најави „инвестициски бум“. Еден од главните најавени приоритети на Владата беа токму странските и јавните инвестиции.
Во најава се амбициозни странски директни инвестиции со стотици вработувања.
Прва најавена инвестиција во енергетика е на инвестицискиот фонд „Алказар енерџи“. Вредноста е 500 милиони долари. Ќе се градата 55 ветерници кои треба да обезбедат 20% од потребните за струјата на домаќинствата. Инвестицијата треба да отвори 630 работни места. Изградбата на ветерниот парк треба да започне во втората половина на 2025 а завршен во 2027 година.
Од Вашингтон беше најавена инвестиција на американската компанијата „Вабтек“. Ќе се произведуваат сопирачки за шински возила. Вредноста на инвестицијата е 35 милиони евра со повеќе од 100 планирани вработувања.
На почетокот на јули објавена е изградба на фабрика за пластика зад која стои германско – белгиската компанија „Епсотех Аим“. Инвестицијата се проценува на 20 милиони евра а треба да се отворат 110 работни места. Фабриката се очекува да почне со производство за една година.
На почетокот на овој месец се удри камен-темелник на нова фабрика за производство на литиум јонски батерии на„BMZ Group”. Вредноста на инвестицијата изнесува 65 милиони евра со предвидени 755 вработувања.
Во најава е проширување на производното портфолио на веќе постоечки инвестиции од автомобилската индустрија во земјава и нова инвестиција од 150 милиони евра за која сè уште се преговара.
Додека власта тврди дека веќе прави терен за инвестициски бум, опозициската СДСМ им порача дека се „китат со туѓи перја“.
„Сведоци сме на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како го крева патриотскиот занес и без срам се фали со „проекти и инвестиции“ кои Владата на СДСМ ги започна и реализира. Срамно е да се живее од туѓи успеси и со празни зборови да се кријат сопствените неуспеси. Последната инвестиција на германската BMZ е последната од низа инвестиции целосно сработени од СДСМ кои Мицкоски се обиде да ги прикаже како свои“, сметаат од СДСМ а поединечно за последната инвестиција реагираа и пратеникот, поранешен вицепремиер Фатмир Битиќи и поранешниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски кои велат дека зад оваа инвестиција стојат нивни потписи.
Според податоците од Министерството за финансии, заклучно со јули годинава салдото на странските директни инвестиции изнесувало 590 милиони евра или 4% од БДП. Бруто-инвестициите, пак, изнесувале 25,8% од БДП.
Странски директни инвестиции
Јули 2024 590 000 000 евра
2023 год. 617 000 000 евра
2022 год. 745 000 000 евра
2021 год. 471 000 000 евра
2020 год. 201 000 000 евра
2019 год. 399 000 000 евра
2018 год. 614 000 000 евра
Извор: МФ
Со исклучок на годинава, во изминатите 6 години најдобра инвестициска година, со салдо на СДИ од 745 милиони евра била 2022-та додека во однос на БДП највисоко ниво од 5,7% било регистрирано во 2018-та и во 2022-та година. И анализите на НБМ покажуваат дека оваа економска година започнала со раст на бруто-инвестиции, при што се посочува дека имало нето-одлив на портфолио-инвестициите.
„Во првото тримесечје се забележани нето-одливи и кај трговските кредити и аванси, како и кај портфолио-инвестициите и заемите. Од друга страна во истиот период има нето-приливи кај странските директни инвестиции, главно како резултат на реинвестираната добивка и сопственичкиот капитал“, наведуваат од НБМ.
Според ребалансираниот Буџет 2024, годинава бруто-инвестициите се очекува да остварат раст од 10%. Преку буџетската владина програма „Економски развој“ за привлекување на СДИ и за развој на ТИРЗ за годинава предвидени се 4,5 милиони евра, сума која е значајно пониска од онаа што беше планирана со Буџетот пред да биде прекроен, но средствата за Технолошко-индустриските развојни зони се зголемени на 13,5 милиони евра. Зголемување има и на буџетските средства за поддршка на инвестициски вложувања на ниво од 28,1 милион евра а за финансиска поддршка на инвестициите планирани се 17,8 милиони евра.
Буџет 2024
Поддршка на инвестициски вложувања 28 100 000 евра
Финансиска поддршка на инвестициите 17 800 000 евра
Технолошко-индустриски развојни зони 13 500 000 евра
Привлекување на СДИ и развој на ТИРЗ 4 500 000 евра
Извор: МФ
За разлика од странските инвестиции, годинава јавните инвестиции „колабираа“. Заклучно со почетокот на септември реализацијата на капиталните инвестиции изнесува околу 36%.