Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) предупреди дека попладневно ќе има невреме со пообилни врнежи и силен ветер. Нестабилното време ќе потрае до четврток кога ќе настапи стабилизирање, но во петок повторно ќе врне.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса, денеска во вечерните часови почнувајќи од запад ќе има врнежи од дожд кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. Во текот на ноќта, наместа врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи и засилен ветер.
Во Скопје денеска во вечерните часови, во текот на ноќта и утре времето ќе биде облачно со врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со интензивен пороен дожд (над 20 l/m2), грмежи и засилен ветер.
Утре времето ќе биде претежно облачно и значително посвежо, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m2 за 24 часа), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и услови за појава на град.
Во среда ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а преодно стабилизирање на времето ќе се случи во четврток.
Под влијание на нова влажна и нестабилна воздушна маса врнежи повторно се очекуваат во петок.