Ние сакаме и ќе ја изградиме пругата кон Бугарија, но поевтино и порационално, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт, Александар Николоски во интервју за неделникот „Фокус“.
– Дел од овие тези ги пласираа оние кои на коруптивен начин сакаа да ја добијат работата за третата фаза за пругата кон Бугарија. Случајот има неколку елементи. Првиот и клучен елемент е предвидената цена на чинење. Тоа се 24 милиони евра по километар, што е поскапо и од автопатот. Само за илустрација, цена на чинење на брза пруга каде било во Европа со 200 километри на час е 4 до 10 милиони евра, зависно од теренот. Овде за пруга која ќе оди со 60 километри на час е 24 милиони евра – објаснува Николоски.
Според него исто како за потегот кон Блаце, избрана е како што вели најтешката траса.
– Не знам дали знае јавноста, но единствен начин да се изгради третата делница е само преку пруга како на каубојските филмови. Толку теренот е планински и лош, па само преку пруга може да се носат материјали, работници. Камион не може да пристапи. Невидена работа – кажа Николоски.
Николоски упати прашање до неговите претходници велејќи „зошто тоа е проектирано така, зошто покрај тунел кој завршува нигде испроектирани се два тунели под Крива Паланка?”.
– Тоа ни Швајцарија не го прави. Јас се сметам за прошетан човек, но никаде во Европа и светот не сум видел да се градат тунели под градови. Има покрај градови, низ планини, но под градови нема – вели Николоски кој укажува дека прво, многу е јасно оти е пумпана цената.
Ние не сме глупави, категоричен е Николоски, да прифатиме таква пумпана цена за проект кој веројатно нема да се изгради никогаш.
– Второ, зошто на проектот се пријавија само несериозни компании? Трето, зошто Бугарија не работи ништо од нивна страна? Да поедноставам, ние сакаме и ќе ја изградиме пругата кон Бугарија, но поевтино и порационално, вака не.
Според Николоски потребна е нова траса која ќе се совпадне со Бугарија.
– Не знам дали видовте, Бугарија рече дека индикативна цена за нивниот дел е 1,2 милијарди евра. Кај ќе ги најде Бугарија тие пари? Многу пари се за која било држава. Ние трошиме 560 милиони евра, а тие 1,2 милијарди евра за пруга што ќе вози 60 километри на час – изјави Николоски.
Во однос на Коридор 10, Николоски додава дека таква е географијата на Македонија, која е идеално поделена на два дела со реката Вардар.
– По Вардар одат најбитните коридори и за тие коридори светски и балкански војни се воделе во историјата. Сега ние треба да сме паметни и тоа да го искористиме. Автопат за среќа имаме, треба да изградиме и брза пруга и буквално како лего коцки од левата и десната страна од брзата пруга да наредиме економски зони, каде ќе има фабрики кои ќе бидат основната додадена вредност во македонското стопанство, бидејќи секој што произведува ќе сака робата брзо да ја транспортира и извезе. Таа роба ќе излегува на 2 големи пристаништа (солунското и атинското) и ќе може со брза пруга за неколку часа да е во Будимпешта, Виена или во Прага – смета Николоски.
Министерот во интервјуто говори и за проблемите во работењето со кои се соочуваат Македонски пошти и Железници Транспорт.
– Во однос на Пошти, проблемот е што Агенцијата за пошти има дадено премногу лиценци на приватни пошти кои се нелојална конкуренција на Македонски пошти. Најголем дел од лиценците се на косовски компании. Тоа е проблемот со Пошти и ќе го решаваме – посочи Николоски.
Тој информира и за состојбата во однос на Железници Транспорт, односно за идните планови.
– За да генерира приходи Железници мора да има локомотиви. Претходниот директор сите локомотиви ги има онеспособено, актуелниот директор ги враќа во функција. Сега имаме 3 активни локомотиви, до крај на годината ќе имаме 10. Профитот е во товарниот сообраќај, патничкиот сообраќај е субвенциониран. Кога ќе имаме 10 локомотиви, Железници-Транспорт, а со тоа и Инфраструктура, зашто плаќаат за користење на пругата, ќе бидат профитабилни компании – вели Николоски.