До крајот на 2026 година граѓаните ќе возат по новиот автопат Кичево-Охрид, рече Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт во интервју за неделникот „Фокус“.
– Има бројни проблеми, но реков дека нема да ја заморувам јавноста со проблеми, зашто јавноста е уморна од изговори, но она што може да го кажам дека зборот ќе го одржиме и до крајот на 2026 година ќе имате функционален автопат Охрид-Кичево – кажа Николоски.
Тој рече дека во однос на косините, се соочуваат со неколку проблеми.
– Се работи за исклучитечно тежок планински терен. Ние сакаме да ја претставуваме Македонија како земјоделска држава, но 80 проценти се планини кога ќе ја видите мапата. И се работи за земјиште што не одговара на она што се класични геолошки стандарди за изградба на автопат – рече Николоски.
Николоски вели дека се направени многу грешки во проектирањето, но и во изведбата.
– Јас сега ги барам решенијата и ќе го решиме проблемот. Тоа што го кажав на охридски сега ќе го кажам литературно – што ќе правиме ќе правиме, но до крајот на 2026 година ќе имаме функционален автопат – потенцира Николоски.