Министерството за транспорт го објави јавниот повик за финансиска поддршка за воведување нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за периодот 2025-2027 година. Во рамки на тригодишната програма за оваа намена предвидени се 360 милиони денари (5,85 милиони евра). Крајниот рок за доставување на барањата за учество во постапката е 7 октомври до 10.00 часот, во архивата на Министерството.
На повикот можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат следните критериуми: да поседуваат уверение за исполнување безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз, да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година, да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година.
Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации и тоа по следниот редослед: период на oперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, како и број на седишта понудени на продажба.
– Во однос на износот на финансиската поддршка таа ќе изнесува 9 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од Меѓународен аеродром Скопје, 12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид. Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид, не треба да биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони – велат од Министерството за транспорт.
Оттаму додаваат дека авиопревозникот кој е избран за корисник за финансиска поддршка е должен секоја нова дестинација воспоставена до/од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува оваа финансиска поддршка да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање, да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, како и на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт.
Јавниот повик е објавен во Службен весник, на веб страната на Министерството за транспорт и врски, како и во домашни печатени медиуми и еден странски медиум.