Европската кошаркарска елита се собра во Загреб на меморијален меч во чест на легендарниот кошаркар Дражен Петровиќ во кој хрватската репрезентација ги одмери силите со селектираната европска репрезентација предводена од легендарниот Жељко Обрадовиќ, а во еден миг се појави и холограм од Дражен, што ја остави публиката во солзи пишува хрватски Те портал.
Тимот Дражен, составен од кошаркарски ѕвезди од Евролигата, ја совлада репрезентацијата на Хрватска со резултат 110:107 во меморијалниот натпревар за Дражен Петровиќ што се одржа во Загребската Арена. Салата беше исполнета до последното столче, а натпреварот се играше во ревијален тон, со акцент на потсетувањето на животот и на кариерата на Дражен, а резултатот беше во втор план.
За време на паузите организаторите потсетија на клучните периоди во кариерата на Дражен, од Шибенка, преку Цибона и Реал Мадрид, па се до НБА лигата и освојувањето на среброто со хрватската репрезентација. За Дражен зборуваа неговите поранешни соиграчи, меѓу кои беа Владе Дивац, Кени Андерсон, Тери Портер, Предраг Шариќ и многу други.
Посебно емотивен беше мигот кога пред публиката се појави холограмот на Дражен, создаден со вештачка интелигенција. Холограмот им се обрати на присутните со неколку потресни зборови, по што исчезна, оставајќи многу гости во солзи.
Најголемото име меѓу гостите беше Лука Дончиќ, словенечкиот кошаркар на Далас. Дончиќ пред натпреварот излезе на паркетот каде што доби овации и накратко ѝ се обрати на публиката.
– Многу ми зборувале за Дражен, воодушевен сум од него – изјави Дончиќ, еден од најдобрите кошаркари во светот.