Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави персонални промени во Владата и во својот Кабинет, пренесуваат украинските медиуми.
Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски го објасни ова решение со потребата од зајакнување на одредени елементи на државното управување. Оваа објава доаѓа во денот кога 51 лице беше убиено во руски ракетен напад на воен институт во градот Полтава, во североисточна Украина.
– Есента ќе биде исклучително важна. Нашите државни институции треба да бидат структурирани така што Украина ќе може да ги постигне сите неопходни резултати – рече Зеленски.
Тој изрази надеж за „малку поинаква тежина на одредени области од нашата надворешна и внатрешна политика.“
Претседателот на Украина посочи дека е неопходно подобра комуникација меѓу централната влада и заедниците, особено во подготовката за зимската сезона. Оваа изјава беше дадена во контекст на руските напади врз енергетскиот систем на Украина.
Зеленски исто така истакна дека Украина веќе постигнала значителни резултати во одбранбеното производство и дека ова треба да се зајакне на сите нивоа, вклучувајќи и привлекување партнерски инвестиции во стратешките сектори на земјата.
Тој додаде дека е неопходно да се засили соработката со НАТО, како и дека тоа бара посебно внимание. Зеленски исто така ја спомна и важноста на реалните преговори за членство во Европската Унија и подготовката на соодветните делови од идниот договор за членство.
– Моментот е да се даде нова сила на државните институции на Украина- заклучи Зеленски.
Во Врховната Рада вчера беа поднесени оставки на министрите за стратешки индустрии Олександр Камишин, за правда Денис Малјуска, и за заштита на животната средина и природните ресурси Руслан Стрилец, како и на вицепремиерката за европска и евроатлантска интеграција Олга Стефанишина. Претседателот Зеленски исто така го разреши заменикот на шефот на својата канцеларија Ростислав Шурма, пренесува Укринформ.
Повеќе од една третина од позициите во украинската влада сега се испразнети, откако претходно оваа година имаше и други разрешувања. Можно е Зеленски и неговите политички сојузници да се обидат да ги пополнат овие позиции пред претстојната посета на претседателот на Украина на САД, каде планира да го претстави „планот за победа“ на американскиот претседател Џо Бајден.
Вашингтон е клучен сојузник на Киев и му има обезбедено воена помош во вредност од десетици милијарди долари.
Давид Арахамија, влијателен пратеник од партијата на Зеленски „Слуга на народот“, изјави дека ќе има големи промени во владата, по што повеќе од половината министри ќе бидат сменети.
-Утре не очекува ден на разрешувања, а задутре ден на назначувања- додаде тој вчера.
Промените во украинската влада се преземаат во контекст на руската офанзива во источниот дел на Донецката област, конкретно кон клучниот град Покровск.
Откако започна војната, украинскиот претседател неколкупати ги менуваше министрите, како што е смената на министерот за одбрана поради корупциски скандали и смената на главниот командант на вооружените сили поради неуспеси на бојното поле.
Мандатот на Зеленски како претседател истече во мај, но тој останува на функцијата во согласност со военото право, кое беше воведено во Украина по руската инвазија во февруари 2022 година.