Повеќе од 100 автомобили изгореа во вчерашниот пожар кај струшкото село Велешта. Како што нѐ информираа од полицијата пожарот настанал во три авто-плацови. Се работи за автомобили од кои дел биле во возна состојба, а дел растурени за делови или хаварисани.
Вчера околу 13.35 часот било пријавено дека настанал пожар при што полицијата излегла на терен.
„Полициски службеници излегле на местото и било констатирано дека во авто-плац сопственост на А.Х.(59) од с.Велешта биле опожарени осум патнички возила во возна состојба и 20 неисправни возила, во плац сопственост на П.Х.(39) од с.Велешта биле опожарени околу 80 исправни и неисправни возила, додека во авто-плац сопственост на А.Р.(51) од с.Велешта биле опожарени пет возила во возна состојба и еден четирицикл. Пожарот бил изгаснат од екипи на Територијалните противпожарни единици од Струга и Охрид, а повредени лица нема. Увид бил извршен“, велат од МВР.
Причините за големиот пожар се утврдуваат, но најверојатно се работи за оган кој почнал во близина, а се проширил, па ги зафатил и автомобилите и гуми.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Струга, Фети Мазари вчера изјави дека по неколку часа пожарот бил локализиран.
Според него, брзата реакција на пожарникарите спречила ширење на огнот кон околните куќи, причинета била материјална штета, а опожарени се повеќе возила. На терен интервенирале со четири противпожарни возила од Струшката пожарна и едно возило од Охридската.