Потребно е да се најде решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе биде добро и за двете земји

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Потребно е да се најде решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија што ќе биде добро и за двете земји, изјави денеска германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.

– Водечка улога во ЕУ во моментов има Франција, која што претседава со Европската Унија. Но, сите ние сме согласни во тоа дека треба да помогнеме да се најде начин и решение кое што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија – нагласи Холштајн во одговор на новинарско прашање дали Германија има некаков план да помогне за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.

Холштајн, која заедно со премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешко село Долно Каласлари, исто така истакна дека политиката на проширување на ЕУ денес повеќе од кога било досега претставува и безбедносна политика.

– И всушност овој факт кај сите треба да значи одговорност во моментите кога ќе треба да се носат одлуки – нагласи Холштајн.

Премиерот Ковачевски, прашан да ја прокоментира изјавата на претседателот Стево Пендаровски кој оцени дека е коректен ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски оти партијата нема да поддржи промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, доколку не се добие гаранција од Софија оти нема да има нови условување, рече дека таа изјава е речиси идентична со неговата.

– Во однос на изјавата на претседателот Пендаровски, таа е практично идентична со мојата изјава дека со Република Бугарија треба да има сеопфатно решение кое што ќе ги затвори сите отворени прашања и кое што ќе значи безусловно кревање на ветото што Бугарија го има ставено за отпочнување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ – рече Ковачевски.

На прашањето дали е оптимист дека до јуни би можел да се реши спорот со Бугарија, премиерот рече дека е рационален оптимист, оти верува во остварување на одредена цел и оти работи таа цел да се оствари.

– Уште од самиот почеток откако бев избран за претседател на Владата кажав дека не се врзувам за датуми и ниту во еден момент не споменав ниеден датум. Кажав дека нам ни треба брзо, меѓутоа не и избрзано решение – рече Ковачевски.

Според него, со блокирање на Собранието не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата.

- Advertisement -
Ad image

– Ги повикувам сите пратеници да бидат на ниво на својата задача бидејќи тие не се избрани од претседател на политичка партија која добива наредби од Будимпешта, како да се однесува и што да прави. Пратениците треба да бидат одговорни бидејќи тие се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните – рече тој.

Ковачевски нагласи дека е отворен и Владата е отворена за соработка. За Парламентот вели дека се одвива најнормална парламентарна дебата во која што учествуваат сите политички партии, а тој има дневни контакти со претставници на политички партии.

– Што се однесува до соработката во Парламентот и во однос на најавите на опозицијата, јас кажав вчера и пред тоа дека се работи за еден исклучително неодговорен однос, значи неодговорен инфантилен однос од страна на претседателот на опозицијата којшто класично врши мобинг на неговите пратеници да блокираат во Собрание, нешто што не треба да се блокира. Собранието треба да претставува место каде што се носат закони, каде што се унапредуваат закони бидејќи тие закони не се носат ниту за Владата, ниту за политичките партии. Тие закони се носат за граѓаните и за компаниите коишто ја унапредуваат оваа држава – изјави Ковачевски.

- Advertisement -
Ad image

На новинарско прашање за свикување лидерска средба со сите партии, Ковачевски рече дека можат да разговараат со сите партии. 

– Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ пред скоро една година доби мандат во најголемиот дел од општините во државата. Гледате што се случува во општините. Еден проект нема – потенцира премиерот Ковачевски.

Тој вели дека неговиот став за одржување лидерска средба не е спротивен на изнесеното од  коалицискиот партнер ДУИ и повтори дека треба има средба за теми кои, како што рече, се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.  

Според него, на почетокот во општините имало некакви презентации на проекти, кои се оставени од претходните градоначалници. Смета дека во Град Скопје се менуваат директорите на секои два месеци и ништо друго не се случува.

– Затоа нека си ја земат одговорноста во свои раце, нека покажат дека можат да работат во општините за тоа за што ветуваа, а ниту едно ветување уште не е остварено. Парламентот да функционира, Владата има зголемена парламентарна поддршка во Собранието визави претходната влада бидејќи сега имаме 64 пратеници поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните – порача премиерот Ковачевски.

Share This Article