Соединетите Американски Држави денеска претставија нов предлог за прекин на огнот во Газа, со кој се отстрануваат преостанатите разлики во позициите, се наведува во заедничкото соопштение на Египет, Катар и САД.
Во него се посочува дека високи претставници од земјите посредници ќе се состанат следната недела за да работат на финализирање на договорот.
Посредниците го опишуваат новиот документ како „предлог за премостување“, што укажува дека остануваат празнини, иако велат дека има некои нови „области на договор“ меѓу страните, пренесува Тајмс оф Израел.
Изјавата е објавена по денешната и вчерашната средба на преговарачите во Доха во најновата рунда разговори за прекин на огнот.
„Во текот на последните 48 часа во Доха, високи функционери од нашите влади се вклучија во интензивни разговори како посредници со цел да се склучи договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците и затворениците. Овие разговори беа сериозни и конструктивни и се водеа во позитивна атмосфера“, се вели во заедничката изјава.
„Претходно денеска во Доха, САД со поддршка од Египет и Катар, им претставија на двете страни предлог за премостување кој е во согласност со принципите поставени од претседателот Џо Бајден на 31 мај 2024 година и со резолуцијата бр. 2735 на Советот за безбедност. Овој предлог се надоврзува на областите на договор од изминатата недела и ги премостува преостанатите празнини на начин што овозможува брзо спроведување на договорот“, се вели во соопштението.
„Работните тимови ќе продолжат со техничката работа во текот на следните денови заради утврдување на деталите за имплементацијата, вклучително и аранжманите за спроведување на опсежните хуманитарни одредби од договорот, како и спецификите во врска со заложниците и притворениците“, се наведува натаму во заедничкото соопштение.
„Високите функционери од нашите влади повторно ќе се состанат во Каиро пред крајот на следната недела со цел да го склучат договорот според условите што беа поставени денеска. Како што изјавија лидерите на трите земји минатата недела, „Нема веќе време за губење, ниту изговори од која било страна за дополнително одложување“, се заклучува во соопштението.
Во првичната реакција од Хамас, висок функционер на екстремистичката група изјави за Ројтерс дека она за што била информирани во врска со резултатите од разговорите во Доха за прекин на огнот, не е во согласност со последниот предлог што групата го дала на почетокот на јули, пренесува Тајмс оф Израел.