Позитивната листа е дополнета со девет генерики за првпат по 2014 година, потврдија министерот за здравство Арбен Таравари и директорот на Фондот Сашо Клековски.
„Управниот одбор на ФЗОМ донесе одлука за дополнување на Позитивната листа со двеасет лекови од девет генерики (можни 59 бренд имиња) за крвни болести – антикоагуланси (Prasugrel, Ticagrelor) болести на срце и крвни садови – против висок притисок и високи масти (Nebivolol, Perindopril, Valsartan, Fenofibrate) и за централен нервен систем – антидепресиви и за третирање деменција (Escitalopram, Memantine, Duloxetine). Проценетото влијание врз буџетот на Фондот на годишно ниво е околу еден милион евра. Фондот е посветен на пристап кон подобри лекови и ги охрабрува сите чинители кон натамошни дополнувања“, напиша Клековски вчера на својот профил на Фејсбук.
Министерот Таравари при посетата на ЈЗУ УК Дигестивната хирургија во Скопје посочи дека денеска ќе ја потпише одлуката за проширување на позитивната листа.
– Така што ќе имаме нови антихипертензиви, нови антикоагуланси, нови антидепресиви. Јас денеска штом се вратам од тука, ќе ја потпишам, бидејќи во Управниот одбор на ФЗО вчера е поминато по наш предлог на Министерството за здравство. И ова е вест која што вреди да се прошири и каже, а ние ќе продолжиме вака – рече министерот и додаде дека за 6 месеци повторно ќе се разгледаат можностите за ново проширување на позитивната листа за да им се олесни на пациентите.
– После 6 месеци планираме да ја прошириме плус листата со уште неколку лекови, меѓутоа ќе треба со директорот на Фондот да седнеме, да видиме што се можностите за уште неколку лекови да бидат на позитивна листа и да им олесниме на главните во нашиот ресор, а тоа се пациентите, а сите сме потенцијални пациенти – рече Таравари.