Помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Николај Патрушев, оцени дека Западот се обидел да организира „обоена револуција“ во Србија, да ја замени легитимната влада и наместо неа да донесе „политичари лојални на САД“, јави дописникто на МИА од Белград.
– Знаеме дека Западот користи различни причини за да организира „обоени револуции“ и се обидува да ги замени легитимните влади со политичари обучени во странство кои се послушни на Вашингтон. Западот се обиде да го направи тоа и во Србија – рече Патрушев, соопшти московскиот весник „Известија“.
Патрушев рече дека САД исто така се „мешаат“ и во суверените работи на Венецуела.
– По уште еден неуспешен обид за државен удар во оваа земја, Вашингтон му нуди на Николас Мадуро предвремена оставка, ветувајќи му за возврат да се откаже од понатамошното гонење според американскиот закон – рече Патрушев.
Минатата сабота во Белград беше организиран протест против рударењето на литиум и против компанијата „Рио Тинто“, а учесниците на протестот се собраа на Теразие, по што го блокираа сообраќајот на главните железнички станици „Нови Белград“ и „Прокоп“.
Претходно портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека Западот се обидува „да ја искористи природната грижа на граѓаните во Србија за дестабилизација“. Српскиот претседател Александар Вучиќ пред протестот изјави дека властите добиле предупредување од руските безбедносни служби дека се подготвуваат немири чија цел е државен удар.
За време на престојот во Москва, вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, зборуваше и за „обиди за спроведување обоена револуција во Србија“.
Тој во средата се сретна со помошникот на претседателот на Руската Федерација, Николај Патрушев, поранешен офицер за безбедност и поранешен разузнавач кој беше секретар на Советот за безбедност на Русија до 2024 година, а на средбата Вулин истакнал дека „Патрушев е голем пријател и сојузник на Србија“ и му се заблагодарил „за неговите напори и за посветеноста на Руската Федерација во борбата против усвојувањето на резолуцијата за Сребреница и конзистентната политика на почитување на територијалниот интегритет и суверенитет“.