Очекуваме 50% од производите кои ќе се нудат преку трговскиот синџир „Лидл“ да бидат македонски, изјави премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на прашање за што е разговарано со менаџерскиот тим на инвеститорот.
Според него, овој процент компанијата може лесно да го постигне бидејќи наши компании веќе пласираат производи во објектите на „Лидл“ низ Европа.
– Видете, компанијата е тука присутна повеќе години. Од тоа што ни беше презентирано, повеќе од стотина милиони евра веќе се инвестирани и наша цел е од процентот којшто ни беше претставен со кој ќе бидат застапени македонски производи на рафтовите на компанијата, да дојде многу скоро до 50 проценти. Сега не би зборувал кој е тој процент, но е далеку од тоа ние што го очекуваме како Влада. Ние очекуваме минимум 50 проценти македонски производи од македонски компании да има на тие рафтови – рече Мицкоски.
Тој додаде дека е забележан нагорен тренд на извозот производи од македонски компании во маркетите „Лидл“ насекаде во Европа и потенцираше дека доколку се сака сѐ може.
– Извозот којшто е сега добар, да речеме има нагорен тренд, се дуплира. Се очекуваат од неколку стотини илјади евра во 2022 година, на 2,5 милиони 2023 година, сега во 2024/2025 година да биде 5 или 6 милиони извоз на производи од македонски компании во маркетите „Лидл“ насекаде во Европа. С еочекува процентот да биде зголемен, да биде 10, 50, зошто да не и 100 отсто и ценам дека доколку се сака сѐ може – рече премиерот.
Мицкоски рече дека очекува македонските производители заедно со раководството на компанијата да работат во насока на постигнување на квалитетот, на нормите што ги побарува компанијата за цена којашто е прифатлива за македонските граѓани.