Предупредувањето за отворањето на мостот дојде откако косовските власти на 5 август ги затворија канцелариите на Српската пошта на север, акција што косовските сојузници ја оценија како „некоординирана и еднострана“.
Ховениер во интервјуто за Радио Слободна Европа вели дека САД биле предизвикани од премиерот Курти и неговата влада во повеќе аспекти.
– Морам да кажам дека квалитетот на нашето партнерство не е онаков каков што би се надевале дека ќе биде за некои од овие прашања поврзани со тоа како тој се справува со северот и како го менаџира дијалогот – рече американскиот амбасадор.
Тој додаде дека некоординираните акции на Владата на северот на земјата, населен со мнозинско српско население, го намалуваат ентузијазмот на САД да го поддржат Косово на неговиот евроатлантски пат.
На прашањето дали КФОР би можел да се соочи со косовските власти доколку тие одлучат да го отворат мостот и покрај сето противење, Ховениер рече дека не може да зборува за тоа како Косово би можело да реагира во таква ситуација, но додаде дека КФОР беше многу јасен во врска со отворањето на мостот.
Мисијата на НАТО во Косово соопшти дека нема да се колеба да се соочи со каков било развој што може да влијае на регионалната безбедност и стабилност.
„Мисијата на КФОР одржува постојано присуство на мостот и продолжува да спроведува редовни патроли во околните области за да обезбеди стабилност и безбедност, за доброто на сите локални заедници. Нема да се двоумиме да се справиме со кој било развој што може да влијае на безбедносната средина и регионалната стабилност, во целосна согласност со нашиот мандат што произлегува од Обединетите нации “, соопшти денеска КФОР.
КФОР порача дека секое дејствие во врска со отворањето на мостот мора да се преземе во рамки на дијалогот меѓу Косово и Србија со посредство на Брисел, јави дописникот на МИА од Приштина.