Жителите на прилепско Оревоец одржаа едночасовна блокада изутринава од 7 до 8 часот на патот Прилеп-Плетвар, кај месноста Заполшки мост, револтирани од ископите на „Бехтел и Енка“ до селото и владината одлука за издавање концесија, а потоа се преселија пред зградата на Општината во центарот на Прилеп. Тие, велат дека не се откажуваат од протестите и бараат да се најде решение, а Одлуката на владата ќе ја оспорат на Управен суд.
– По донесената одлука на Владата на 24 јули за издавање концесија на „Бехтел и Енка“ и по нејзиното објавување откако дознавме, го организиравме денес овој помасовен протест и пред локалната самоуправа. Бевме повикани од градоначалникот Борче Јовчески. Свесен е за состојбата во која се наоѓа локалната самоуправа и можностите кои ги има на располагање. Добивме ветување дека градоначалникот, најдоцна до четврток, ќе организира работен состанок со директорот на ЈП за државни патишта и со нивни претставници, со цел да ги соочиме аргументите „за“ и „против“ отворањето на рудникот во селото Оревоец – изјави адвокатот Жаре Стеваноски.
Според него, до протести не би дошло доколку се одржел состанок со ЈП ДП и со министерот за транспорт и врски, кој го барале жителите.
– Дополнително, во поткрепа на нашите аргументи ги имаме наодите на вештите лица кои, буквално укажуваат на опасноста која претстои од сите аспекти, во однос на животната средина и природата, и во однос на изворите и по однос на спротивставеноста на самата одлука со Законот, зашто за село Оревоец во 2022 година е донесен Детален урбанистички план, па така и за издадената концесија и оваа одлука е незаконита. Дополнително, одлуката на влада ќе ја оспориме пред Управниот суд – изјави Стеваноски.
Оревоец не е елитна населба, рече тој, туку живеалиште на 30-тина жители. Тие најавуваат дека ќе има протести до изнаоѓање решение.
– Остануваме на протестите зашто гледаме дека никој ништо не презема, па работите ги зедовме во свои раце. Овде станува збор за нашите животи, живеалишта, за животната средина и за водата. Очигледно со издавање на концесијата станува збор само за пари, зашто на концесијата јасно стои дека се издава за мермер. А патишта со мермерни плочки не се прават – вели жителот Дејан Ачкоски.
Жителите очекуваат Управниот суд во побрз можен рок да одлучува и во однос на владината одлука и во однос на времената мерка за запирање на ископите.