Американскиот претседател, Џо Бајден, во интервју објавено во неделата оцени дека неговиот претходник во Белата куќа, сегашниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп, е „реална опасност за безбедноста на Америка“ доколку биде избран на 5 ноември.
– Слушајте ме внимателно. Ако победи на овие избори, гледајте што ќе се случи. Тоа е опасно. Тој е вистинска опасност за безбедноста на Америка – изјави Бајден за Си-Би-Ес.
Бајден се повлече од претседателската трка под притисокот од неговата Демократска партија поради сѐ поизразените знаци на ментални и физички проблеми и ѝ го отстапи местото на својата потпретседателка Камала Харис.
– Ние сме на пресвртница. Навистина сме на пресврт… и демократијата е клучен елемент – додаде Бајден во разговорот снимен пред неколку дена во Белата куќа.
Бајден даде објаснување и за неговите разочарувачки резултати на дебатата со Трамп.
– За време на таа дебата имав навистина, навистина лош ден бидејќи бев болен, но немам никакви сериозни здравствени проблеми – објасни Бајден.
Три седмици по неговиот настап во дебатата, Бајден на 21-ви јули објави дека се повлекува од изборната трка.