More

    Бербата може да почне, лозарите задоволни и внимателни

    spot_img

    За владата историски највисока откупна цена на грозјето, за лозарите донекаде поволна цена, но сепак недоволна за преживување и за да ги привлече младите да останат на лозјата, додека за винарниците непазарна цена којашто мора да ја прифатат. Познавачите на состојбите во лозарството велат дека овие откупни цени се далеку од реалните производни цени за годинава.

    Колку цената на грозјето годинава соодветствува на потребите земјоделците да обезбедат пари за живот и да инвестираат во нови лозови насади и нови сорти на грозје кои ќе дадат повисок квалитет на виното? Може ли лозарството да се врати на количините произведено грозје и приносите од пред 10 години?

    Лозарите годинава добија цена на грозјето од двете најзастапени сорти пресметани според Законот за вино, во кој се предвидува цената да се формира и да се исплаќа според шеќерни единици, плус гарантирано законско зголемување од 25%. Од годинава производната цена во која влегуваат трошоците на лозарите и квалитетот и количината на производот ја изготвува научна институција која е избрана на тендер.

    Откупните цени на грозјето повисоки од ланските

    Министерството за земјоделство соопшти дека најниската откупна цена за „вранецот“ со стартни 19 шеќерни единици е утврдена на 20,8 денари, а за „смедеревката“ со стартни 17 шеќерни единици цената е 18,3 денари по килограм грозје. За грозјето со повисока шеќерна единица, според Законот за вино, цената ќе порасне за 1 денар по килограм. Овие цени за од 15% до 22% повисоки од ланските.

    – Сакам да потенцирам дека секоја шеќерна единица што ќе е плус ќе биде дополнително вреднувана, односно исплатена. На пример, ако земјоделец донесе  „вранец“ со 20 шеќерни единици, првичната цена од 20,8 денари ќе биде зголемена за 1,1 денар согласно пресметката по шеќерни единици. Тоа значи дека тој земјоделец ќе добие 21,9 денари, односно речиси 22 денари за килограм – објасни министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

    Трипуновски појасни дека цените се дефинирани според законските обврски и се повисоки од ланските.

    – Во делот на „смедеревката“, имаме зголемување за 22%. А, за „вранецот“ има зголемување од околу 15,5%. Мислам дека овие цени, со вакво зголемување, ќе бидат доволна граница овој откуп да тече по нормален тек и земјоделците да имаат одредена заработка во делот на производството – рече Трипуновски откако се сретна со претставници на лозарите и на винарниците.

    Лозарите бараат поголема заработка

    Лозарите бараат поголем удел на нивната заработка во откупната цена, за да биде лозарството исплатливо и да биде поттик за младите да останат во земјата. Се надеваат да биде прифатено нивното барање за измени на Законот за вино и во однос на нивната заработка, односно гарантираното зголемување да биде повисоко.

    Според претседателот на здружението регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари“, Дане Јошев, сегашните цени се донекаде поволни и повисоки од лани, но тој вели дека се потребни законски измени со кои ќе им се зголеми заработката на лозарите.

    – Со измени во законот, бараме поголем удел на лозарската заработувачка во вкупната цена за килограм грозје, за да биде лозарството исплатливо и младите да не го напуштаат и да не заминуваат во странство – рече Јошев.

    Само да нема манипулации при откупот

    Лозарите се загрижени дека и оваа година винарниците и откупувачите ќе манипулираат со шеќерните единици, за да исплатат ниски цени на грозјето. Тие се жалат дека трошоците годинава им пораснале и со поголемите надници на берачите на грозјето.

    И од Националната федерација на фармери (НФФ), која е задоволна што почнале да се решаваат проблемите во лозарството и од зголемувањето на производната цена за 25%, бараат измени на законот кај исплатата на предаденото грозје. Тие бараат лозарите целиот износ на парите од продаденото грозје да го добијат во рок од 7 дена, а не како што е предвидено со законот за вино – на 3 рати. Притоа, бараат винарниците да не го користат законското решение според кое ако грозјето се исплаќа во целост, да ја намалат утврдената цена за 8%.

    – Ова не одговара на ниту едни пазарни, демократски и европски правила, принципи и услови со што се регулира откупот, туку на ваков начин, само се овозможува намалување на откупната цена на винско грозје и се демотивираат лозарите да произведуваат грозје – велат од НФФ.

    Може ли производството да се договара?

    Од Федерацијата со години бараат промена на членот 20 од Законот за вино, така што исплатата за откупеното грозје за сите сорти да биде извршено во рок од 7 дена, без да биде намалена откупната цена за 8%, или најдоцна до декември во тековната година, а не како што е наведено сега во Законот, исплатата на износот за откупеното винско грозје на секој производител на винско грозје, винарницата или трговецот на винско грозје да ја изврши на три рати, од кои првата рата во висина од најмалку 20% најдоцна до 15 декември во годината кога е извршен откупот, втората рата во висина од најмалку 40% најдоцна до 15 февруари наредната година од годината кога е извршен откупот и третата рата со останатиот износ, најдоцна до 30 април наредната година од годината кога е извршен откупот.

    Од Федерацијата предлагаат да се воспостават партнерски односи на винарниците со лозарите преку договорно производство, при што договорот ќе се склучува на почетокот на производната година на грозје. За да се одвива откупот на грозјето без манипулации, од НФФ апелираат на будност на институциите.

    – Апелираме надлежните институции и Земјоделскиот инспекторат, да го следат процесот на откуп и да се осигурат дека не се вршат манипулации со шеќерните единици и воедно, контролата да се врши подеднакво и на винариите и на индивидуалните трговци за откуп на винско грозје, како и да се спречуваат дивите откупувачи да откупуваат грозје, кои на манипулативен начин ќе сакаат да откупуваат винско грозје по пониска цена. Винарите и откупувачите треба да ги почитуваат договорените откупни цени, односно да ги почитуваат сегашните договорени откупни минимални цени и да ги коригираат своите ценовници, во кои таа цена сега е пониска, а воедно да го почитуваат Законот за вино за секоја повисока шеќерна единица да се плаќа 1 денар плус -велат од НФФ.

    Што велат познавачите?

    Познавачи на состојбите во лозарството и винарството, пак, велат дека сегашните откупни цени на грозјето се далеку од оние кои би требало да бидат. Според нив, реално производната цена на грозјето годинава за белите сорти е 24 денари по килограм, а на црвените е 27 денари по килограм, пресметано без добивката на лозарите. Со пресметано законско зголемување од 25% откупната цена на грозјето би изнесувала 30 денари по килограм за белите сорти и 33,75 денари по килограм за црвените сорти грозје.

    Според експертите, со приходите кои ги имаат лозарите во последните години, вклучувајќи ја и годинава, тешко дека ќе можат да инвестираат во нови лозови насади со нови сорти на грозје, кои даваат и нови типови вино. Дополнително, тие не можат да сметаат на кредит за тоа, бидејќи не можат да бидат сигурни дека ќе можат од заработката од следната сезона, за да ги отплаќаат ратите.

    – Тоа значи дека не се само откупните цени во прашање, владата треба да размислува и за други горливи прашања во лозарството, меѓу кои и климатските промени и да ја промени сликата дека лозарите се најсиромашните земјоделци, а лозарството полека изумира – велат тие.

    Какви се заработките на лозарите во минатото и сега, тие посочуваат на податокот дека  лозарите во минатото со лозје од 2 хектара, со годишниот приход што го добивале од продажбата на грозјето   можеле да купат автомобил од марката „голф“, а сега со парите кои ги заработуваат од лозје на површина од 5 хектари не можат да преживеат.

    И министерот сака измени на Законот за вино 

    Измени на законот за вино најави и министерот Трипуновски, но не кажа кои делови ќе бидат изменети.

    – Сакам да најавам дека, по завршувањето на оваа откупна сезона,  ќе треба повторно да го отвориме Законот за вино, каде што има одредени аномалии, кои ги воочивме во изминатиов период. А тоа е со цел да изградиме една стратегија за Македонија да биде винска држава – нагласи Трипуновски.

    Тој вети и дека ќе се подобрат и условите за земјоделците, со цел да се надмине појавата од минатите години, кога годишно по 500-600 земјоделци од Тиквешијата ги снемувало од Регистарот на земјоделски производители.

    – Тоа е сериозен пад. Ние сме познат бренд во светот за македонско вино. За жал, со вакви трендови, ние ќе имаме сериозна намалена количина за извоз, што ќе значи и помал девизен прилив на државата – вели Трипуноски.

    Цветан Трипуноски

    ПРВА ПОМОШ ЗА ЛОЗАРИТЕ, ИСПЛАТЕНИ СУБВЕНЦИИТЕ ЗА ЛАНСКОТО ГРОЗЈЕ

    Министерот Цветан Трипуноски вчера објави дека се исплатени субвенциите за произведено и предадено винско грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во исплатен износ 58.607.081 денари кон 4.101 корисник.

    Во земјава секоја година се намалуваат површините под лозје. Лани според Државниот завод за статистика, површините под лозов насад  се намалиле за  4,6% на 22.353 хектари.

    Минатата година во Македонија имало и најниско производството на грозје во изминативе две децении. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, лани се произведени 149.006 тони грозје, што е значително помалку во однос на претходната година, кога биле произведени 265.556 тони грозје, но и во однос на периодот од 2005 година наваму.

    Статистиката покажува дека со години се намалуваат и приносите на грозје. Лани приносот на грозје изнесувал 2 килограми по пенушка, додека во 2013 година од една пенушка се добивале 4 килограми грозје.

    Повеќе од 60% од лозовите насади се постари од 15 години кои треба да бидат обновени за да се продолжи и зголеми производствениот процес.

    Најголем дел од лозовите насади  се вински, а помал дел се трпезни. Најпознати вински сорти на грозје се Вранец, Кратошија, Каберне совињон и Мерло, а од белите сорти: Смедеревка, Ризлинг, Шардоне, Совињон бел, додека трпезни сорти се Афус – Али, Кардинал, Мускат Италија, Мускат Хамбург, Бело зимско, Викторија, Мишел Палиери, Рибиер и др.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img