Oд почетокот на летото, грчкото Министерство за економија и финансии изрече казни од над 1.150.000 евра за деловните субјекти кои незаконски ги окупираат плажите и бреговите, прекршувајќи го законот за слободен јавен пристап до морето, брегот и плажите, пишува Балкан инсајт.
Во интервјуто за грчката телевизија „ЕРТ“, генералниот секретар за информациски системи во Министерството за дигитално управување, Димостенис Анагностопулос, објасни дека интензивираните контроли се должат и по пријавите од граѓаните преку специјалната апликација „My Coast“ која досега ја имаат инсталирано 103.000 граѓани, а паралелно истакна дека она што е важно е што првпат се јавно познати законските закупи низ целата земја.
Од Министерството за национална економија и финансии на Грција минатата седмица соопштија дека при инспекциите спроведени во текот на јули, било констатирано дека општата слика е значително подобрена во споредба со претходните години, „бидејќи поголемиот дел од бизнисите кои работат на плажите ги почитуваа новите правила и новата законска рамка“, но сепак постојат и прекршувања.
Грците лани излегоа на улиците барајќи да се врати бесплатниот јавен пристап до плажите во земјата, како што е предвидено во законот. Големи делови од крајбрежјето беа преземени од приватни бизниси кои или незаконски го ограничија пристапот до плажите или наплаќаа огромни суми за лежалки.
Министерството во мај постави нова процедура за доделување концесии на бреговите и плажите преку електронски аукции. Годинава бројот на доделени договори за користење на крајбрежните површини и на плажите собори рекорди – 1.800.
Министерството извести дека 150 електронски аукции биле неуспешни бидејќи или немало интерес или успешниот понудувач се повлекол непосредно пред потпишувањето на договорот.
Додадоа дека Халкидики, областа Атика, поширокиот регион на Атина, Превеза, островите во Егејското море, Крит и Крф се регионите во земјата за кои имало најголем број пријави за нерегуларности на плажите.
Само за Халкидики имало 1.873 пријави од кои 234 во период од една седмица.