Американскиот државен секретар Антони Блинкен во понеделникот изјави дека САД интензивно бараат дипломатски решенија за намалување на тензиите на Блискиот Исток и ги повика сите страни да се воздржат од ескалација. Ескалацијата „ќе доведе само до уште поголем конфликт, уште поголемо насилство и уште поголема несигурност“, предупреди тој.
Според него, клучно е да се постигне прекин на огнот во Газа. Склучувањето на договорот за прекин на огнот во Газа „ќе отвори можност за трајно враќање на мирот, не само во Газа, туку и во другите региони каде конфликтот може да се прошири“, изјави Антони Блинкен, пренесуваат странските агенции. .
„Ние сме вклучени во интензивна дипломатија која се одвива речиси 24 часа на ден, со многу едноставна порака – сите страни мора да се воздржат од ескалација на тензиите“, нагласи тој.
Блинкен разговараше со катарскиот премиер Мохамед Бин Абдулрахман и египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абдел-Ати во понеделникот како дел од напорите за деескалација на тензиите на Блискиот Исток, соопшти Стејт департментот. Во последните денови тој разговараше и со други претставници во регионот и во светот со цел да им испрати „конзистентна порака“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер.
„Се наоѓаме во критичен момент за регионот“
„Се наоѓаме во критичен момент за регионот и важно е сите страни да донесат одлуки во наредните денови за да се избегне ескалација и смирување на тензиите“, нагласи Милер.
Ситуацијата на Блискиот Исток се засили по атентатот на политичкиот лидер на палестинското исламистичко движење Хамас Исмаил Ханија во Техеран и еден од главните команданти на шиитското движење Хезболах Фуад Шукра во Бејрут. Иран и неговите сојузници се заканија дека ќе возвратат. Израел, сепак, увери дека е подготвен на сите можни сценарија.
Блинкен во неделата им кажа на своите колеги од Г7 дека Иран може да го нападне Израел во следните 24 до 48 часа. Тој нагласи дека не ја знае точната временска рамка на нападот, но дека одговорот на Иран е неизбежен.
Со оглед на тензиите, на барање на Иран и Пакистан во среда ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ).