На делови од Германија им се заканува недостиг на нафтени деривати во случај на ембарго за увоз на руска нафта, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек, јавија денеска локалните медиуми.
– За жал, морам да кажам дека е можно во случај на ембарго во делови од Германија, особено на истокот и во Берлин, да има потешкотии во снабдувањето со деривати – изјави Хабек.
Тој посочи дека рафинеријата во Швед, во сојузната покраина Бранденбург, која го снабдува Берлин и неговата околина, преработува исклучиво руска нафта, па во случај на прекин на увозот би имало недостиг.
– Работиме на тоа оваа рафинерија да добива нафта од други извори во случај на ембарго – рече Хабек.
Европската комисија им предложи на земјите-членки на ЕУ да го прекинат увозот на руска нафта и нафтени деривати до крајот на годинава. Некои земји, како Словачка и Унгарија, се противат на ембаргото.