Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со германската министерка за надворешни работи Аналена Барбок изјави дека разговорите во Берлин не биле лесни, но дека е задоволен од големиот интерес на германската Влада за разговор со Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Нашата позиција е тешка, секако ужасно комплицирана, а со изјавите на претседателот Путин таа дополнително е искомплицирана. За сето тоа ќе зборувам утре. Се плашам од сѐшто следи – изјави Вучиќ пред новинарите во Берлин по средбата со Барбок.
Тој порача дека „не можеме да ја бираме и да ја смениме Германија“, и дека ако некој мисли дека Србија ќе го промени ставот на Германија за прашањето за Косово – „тоа нема да се случи“.
Тој неколку пати изјави дека утре вечер во своето обраќање до јавноста ќе зборува за сите проблеми и зошто „интересот на сите за Србија ќе стане уште поголем“.
Вучиќ кажа дека со Бербок разговарал за европската перспектива на Србија, кризата во Украина и ситуацијата во Косово и дека има делови од разговорот кои „не биле лесни“.
Запрашан дали „Србија ќе преживее“, тој одговори – секако.
– Прашањето не е дали ќе преживееме, туку како ќе преживееме – дали сакаме да поминеме со модринки или тешки рани – кажа српскиот претседател.
На прашањето дали е можен „посилен пресврт во српската политика“, тој кажа дека „не знае за каков пресврт, кога Србија е на европскиот пат“.
– Дали ќе има овакви или онакви тактички работи не мора да значи, тоа е прашање на дневното ниво на реакции – оцени Вучиќ.
Претседателот на Србија вчера се сретна и со канцеларот на Германија, Олаф Шолц, со кого одвоена средба имаше и премиерот на Косово, Албин Курти, како и со посредникот на ЕУ во дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак.