Дел од парите за државна помош за ублажување на последиците од пандемијата со ковид завршиле во фирми блиски на поранешниот премиер Зоран Заев, обвини денеска Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
– Според власта на СДСМ и ДУИ, уредбите со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор требаше да биде погодна за 87 отсто од компаниите. Но каде завршуваа парите? Најверојатно се мислеше на ИГМ Еленица која беше едно од претпријатијата добитник на државна помош за исплата на минимални плати за време на кризата предизвикана од корона вирусот. Со акционерското друштво управува Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев, додека Вице Заев, братот на тогаш актуелниот претседател беше член на Управниот одбор. Вака завршуваа парите од т.н. државна помош – рече Митева.
Дека мерките не вродија со плод, додаде таа, говори и фактот на бројот затворени фирми во пост ковид годините, 2021 и 2022 година. За овие две години вкупно се затвориле близу 14.000 фирми.
– Па тука сосема логично се поставува прашањето, каде завршија 100 милиони евра државна помош за компаниите ако имаме вакви статистики и бројки кои го покажуваат спротивното? СДСМ и ДУИ манипулирајќи на овој начин со години ја трошеа државната каса за свои приватни цели. Суровоста на математиката го потврдува тоа, а фактите се следни: наместо за народот, парите завршуваа кај фирми блиски до власта на СДСМ и ДУИ. За ова одговорност мора да има – порача Митева.