Со овој ребаланс обезбедуваме 1.7 милијарди денари за исплата на субвенции за земјоделците, се зголемуваат парите за програмата за наводнување со дополнителни 14 милиони денари, а се зголемува и буџетот на министерството за земјоделство, соопшти денеска на прес-конференција Зоранчо Јованчев, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија”.
Тој рече дека како и во другите делови од Буџетот земјоделците биле заборавени од претходната влада.
-Повеќе земјоделците нема да бидат приморани да чекаат за своите напорно изработени пари. Веднаш штом ребалансот ќе биде изгласан овие средства ќе бидат исплатени на нивните сметки- рече тој.
Јованчев соопшти и дека има зголемување на пари и за другите функции, програми и потпрограми.
– Дури и со ваков девастиран Буџет, нашиот фокус од земјоделието нема да се промени. Владиното мнозинство во буџетот за 2025 ќе продолжи уште посилно да ги поддржува земјоделците и земјоделието. Земјоделците добија сериозен партнер кој ќе им го олесни секојдневието – рече тој.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет трет ден трае амандманската расправа по ребалансот на буџетот за годинава. поднесени се 58 амандмани.
Досега не е прифатен ниту еден амандман, а дел од амандманите се повлечени од подносителите.
Амандманската расправа по ребалансот на буџетот треба да трае 6 дена.