Француската метеоролошка агенција издаде предупредување за Париз и околните области за можно невреме и максимални температури од 35 степени Целзиусови што се очекуваат денеска во градот во кој се одржуваат Олимписките игри.
Агенцијата објави „жолто ниво на опасност“ – второ од четирите нивоа – за главниот град бидејќи топлотниот бран носи високи температури и на другите олимписки места низ Франција.
Уште повисоко – портокалово предупредување во сила е за Бордо и Лион каде вчера температурите достигнаа близу 40 степени Целзиусови и ќе остане на сила денеска кога во овие градови ќе одржат олимписки фудбалски натпревари.
Жолто ниво за Париз беше издадена особено затоа што се предвидува дека „многу топли“ услови ќе останат во текот на ноќта, при што живата не се очекува да падне под 22 степени Целзиусови помеѓу вторник и среда. Тоа умерено ниво на тревога значи дека луѓето треба да „бидат внимателни“ на влијанието на топлината кога спортуваат или се занимаваат со друга физичка активност, велат од агенцијата.
Жештината силно ќе ја почувствуваат олимпијците кои се натпреваруваат во настани на отворено во текот на попладневните часови во Париз и неговите околни предградија.
Условите би можеле да бидат уште потешки кога Шпанија ќе игра со Египет во фудбал денеска попладне во Бордо. Метеоролошката агенција соопшти дека температурите би можеле денеска да достигнат до 38 Целзиусови степени во југозападниот град.
Слични високи прогнози се и за Лион, каде фудбалерите на Украина денеска ќе играат против Аргентина.
Во централниот град Шатору, кој е домаќин на олимписки стрелачки натпревари, температурите би можеле да достигнат 36 степени Целзиусови денеска, соопштија синоптичарите.
Во пресрет на Игрите, некои спортисти побараа да се прилагоди тајмингот на настаните и да се земат предвид високи температури и ризикот од топлотен удар.