Долниот дом на полскиот парламент го одобри законот за олеснување на условите за употреба на оружје за припадниците на безбедносните сили кои ги чуваат границите. Ова е одговор на инцидентите на границата со Белорусија, каде што мигрантите неколкупати ги нападнаа граничарите, па дури и убиле полски војник, пишува Би-Би-Си.
Новиот закон има поддршка од јавноста, но критичарите од невладините организации велат дека тој ги крши човековите права на мигрантите. Сепак, полскиот министер за внатрешни работи, Томаш Симонјак, е убеден дека „законот е јасен сигнал за поддршка на припадниците на безбедносните служби кои се борат против агресијата на границите“.
Одговарајќи на критиките, министерот за одбрана Владислав Косињак-Камиш рече дека мигрантите не се бегалци кои бараат азил, туку „орди бандити кои се обидуваат да ги нападнат полските војници“, пренесува агенцијата.
Анкетата на ИБРиС за дневниот весник „Ржечпосполита“ во тоа време покажа дека околу 86% од Полјаците веруваат дека војниците треба да можат да користат оружје за да ги одвратат мигрантите кои користат сила.
Полска се бори со приливот на мигранти на границата, за кој вели дека е дел од хибридна војна, од 2021 година. Варшава и Европската унија тврдат дека кризата била организирана од Белорусија и од нејзиниот сојузник Русија, кои носат мигранти од Блискиот Исток и од Африка до границата. И Минск и Москва го негираат ова. Сепак, според податоците на полското Министерство за внатрешни работи, од почетокот на оваа година 17.000 мигранти се обиделе да ја преминат границата меѓу Белорусија и Полска.
Негодување во Полска предизвика акцијата на воената полиција која уапси и со лисици одведе тројца војници кои во самоодбрана испукаа предупредувачки истрел во воздух, а потоа во земја, поради приближување на група од 5-10 вооружени мигранти коишто се приближувале држејќи разни прободни предмети. Според министерот за внатрешни работи Симонјак, новиот закон „ќе ги спречи ваквите бесмислени апсења“.
Полска беше шокирана и од случајот на 28 мај кога мигрант нападна војник на металната бариера на границата со Белорусија. Додека го правел тоа, ја протнал раката низ челичната ограда и го пробол војникот меѓу ребрата. И покрај итната медицинска помош и последователниот трансфер во болница во Варшава, 21-годишниот припадник на 1-та оклопна бригада на полската армија почина по неколку дена.