Скопското обвинителство од Кривичниот суд побарало да се одложи судењето против четворицата обвинети за киднапирање и свирепо убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, за да го додаде во обвинението и главниот осомничен Љупчо Палевски-Палчо, соопшти Судот.
Истрагата против Палевски завршила и сега наместо посебно обвинение за него, бидејќи беше избеган во Турција, Обвинителството сака да го додаде кај другите обвинети, што ќе одземе еден месец, колку што се неговите законски права за приговори во обвинението
Имено, со оглед на фактот дека истрагата против осомничениот Љ.П. е завршена и по истек на законските рокови по известување за завршена истражна постапка, ќе биде изготвено и поднесено обвинение, кое се однесува за истиот кривично – правен настан за кој се води и предметот К.бр. 1339/24 против четворица други обвинети, а воедно се работи и за исти докази, од ОЈО Скопје, согласно чл. 28 од ЗКП ќе биде поднесен и предлог за спојување на двете постапки. Имајќи го предвид добиениот предлог на обвинителството, а заради економичност и ефикасност на постата, Судот ги отповика наредбите за спровод на обвинетите кои издржуваат мерка притвор и мерка куќен притвор, а судечкиот совет во согласност со одбраната ќе насрочи нов термин за отпочнување на главната расправа за што странките и јавноста ќе бидат благовремено известени“, велат од Основен кривичен суд Скопје.
Тоа значи дека на 30 јули судењето за четворицата нема да почне, поради што Кривичниот суд Скопје ги отповикал сите наредби за спровод на овие лица кои се во притвор, односно во домашен притвор и ќе закаже ново рочиште.